(ВИДЕО) Албанската полиција спречила шверц на оружје и лажни документи што требало да завршат во земјава
Албанската полиција во акција под кодно име „Организатор“ уапсила три лица осомничени за трговија со оружје и фалсификување документи кои требало да завршат на македонска територија.

Како што пренесе македонската новинска агенција МИА, во акцијата биле пронајдени автоматски пушки „калашников“, над 3 000 парчиња муниција, како и гранати за кои истрагата утврдила дека требало да бидат прошверцувани во земјава.
„При претрес во патничко моторно возило беа пронајдени три парчиња огнено оружје ‘калашников’, 3 320 боева муниција, како и гранати за кои истрагата покажува дека биле наменети за шверц во Северна Македонија“,се вели во соопштението на албанската полиција.
Според полицијата, во домот на едниот од осомничените биле пронајдени и одземени 20 фалсификувани документи. Како што се наведува во соопштението, станува збор за албански, бугарски и македонски пасоши, лични карти, дозволи за престој и потврди за вештини, како и опрема што се користела за оваа криминална активност.

Во акцијата уапсени се 59-годишниот Дмитер Пеќини од Елбасан, кој е означен како главен организатор, потоа Елбан Цонику (52) од Грамш и Артан Лила (47) од Елбасан.
Тие, според албанската полиција, ќе одговараат за кривичните дела трговија со оружје и фалсификување документи.
Инаку, според информациите, станува збор за полициска акција која била финализирана по четиримесечна истрага. Во неа биле користени специјални методи од страна на екипи на Секторот за истраги на економски криминал и Одделот за истраги за недозволена трговија при локалната полициска управа во Елбасан.
Под раководство на Обвинителството во Елбасан и во соработка со македонските власти, истрагата продолжува и е насочена кон откривање други лица инволвирани во овие кривични дела.