ВИДЕО: Ана и Ненад направиле дом на тркала и патуваат со него низ Македонија

Ана Јаневска и Ненад Лазаров патуваат низ Македонија со своето комбе, кое сами го имаат уредено. Во него поставиле и кревет на спуштање, соларен панел за струја, мини-кујна – пишува Факултети.мк

Кафе на изгрејсонце, уживање во раѓањето на денот, фотографирање на моментот, омилениот појадок – јајца со сирење, мала прошетка во околината, наљубување на природата, рибарење, планинарење, зависно што е на дневната агенда и што ќе понуди дестинацијата. Вака изгледаат викендите на Ана Јаневска и Ненад Лазаров, кои патуваат низ Македонија со своето комбе кое сами го имаат уредено.

Убавината на кампувањето со комбе е во тоа што ниту еден ден не е ист. Речиси секој викенд се будат на различно место, а и природата секогаш ги гости со разни бои и облици, слики и видици.

Спој на естетиката и функционалноста – им требале 2 месеца

Времето поминато во кампување е вистинска инвестиција. Помалку комфор, повеќе живот. Ана и Ненад се кампери со искуство, а комбето е само надградба на нивниот камперски живот.

 

– Бидејќи често, но кратко кампувавме со шатор (1-3 дена), сакавме да можеме да останеме повеќе време во природа и притоа да ги имаме сите услови потребни за нормално функционирање. Па така решивме да направиме комбе-кампер кое ќе ни го овозможи сето тоа. Целиот процес околу уредувањето на нашиот нов дом на тркала траеше околу два месеца. Почнавме со отстранување на непотребните и стари работи од комбето, па продолживме со поставување изолација и внатрешен ентериер – раскажува Ана.

Тие го пренамениле комбето во комбе-кампер, го однеле на атест каде што го испитувале дали ги исполнува сите услови (вентилација, сигурна конструкција и слично).

За тоа колку чини ваков проект, велат дека зависи од тоа како сакате да биде уредено комбето.

– За нашето комбе ни беа потребни повеќе финансиски средства бидејќи го обезбедивме со електрична енергија со помош на соларен панел, канистри за вода, добра изолација, интересен ентериер со многу детали и слично – вели Ана.

Таа била задолжена комбето да изгледа убаво на око, а Ненад – да биде функционално. Па така нашле компромис и ја споиле естетиката со функционалноста.

– Некоја голема мака не сме имале бидејќи сето ова го правевме со голем ќеф и секоја пречка ни изгледаше лесно минлива, иако имаше нервозни моменти, бидејќи сепак е комбе и сè мораше да биде наместено под агол. Многу ни е драго што успеавме нашата замисла да ја реализираме во целост и да создадеме нешто посебно и уникатно – раскажува Ана.

Повеќе на Факултети.мк на следниот линк.

Back to top button
Close