ВИДЕО | Андоновиќ: Се подготвува најголема тенковска битка по Втората светска војна? Во наредните 2 недели ќе се решава судбината на Украина

Продолжуваат прегрупирањата на руската армија во реонот околу вториот по големина уркаински град Харков и регионот на Донбас. Според извештаите, Русија коцентрира големи пешадиски и оклопни сили околу реонот на Донбас и најверојатно целта е целосно потиснување на украинските безбедносни сили од оваа област.

Според непотврдени информации, Русија во целиот тој реон има на располагање околу 100 илјади војници. И украинската армија чија присутност на теренот во минатите 47 дена не беше забелешана, е вкопана околу роенот на Донбас. Според проценките, Украинците таму имаат околу 80 илјади војници и голем број на тенкови.

Се претпоставува дека ваквата голема концентрација на двете армии всушност води кон директен судир и се смета дека се поизвесно е дека во наредниве денови ќе дојде до најголема копнено-тенковска битка по Втората светска војна.

Руската стратегија најверојатно е насочена кон влегување во директен судир со украинската армија. Стратегијата на Москва, според добрите познавачи на состојбите, е да се обиде да ги навлече украинските трупи во директен судир. И доколку успее да ги порази, да го уништи борбениот капацитет на Украинците, кои после ваквиот исход, нема да имаат веќе борбено-одбранбен капацитет. По ова руската армија многу полесно би можела да ги освои останатите градови.

Дека се навестува голема копнена битка потврдува и одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да го назначи армискиот генерал Александар Владимирович Дворников за командант на заедничките руски сили во Украина. Досега немаше заедничка команда за спроведувањето на „специјалната воена операција“ во Украина, а регионалните руски воени команданти се покажа дека очигледно немаа добра координација.

Армискиот генерал Александар Владимирович Дворников, кој го доби највисокото руско одликување поради неговите воени заслуги во Сирија, важи за бескрупулозен воен командат кој не бира средства да ги исполни зацртаните воени цели.

Се поизвесниот голем воен судир, од чиј исход многумина сметаат дека ќе го одреди крајот на војната, го потврди и советникот на претседателот на Украина Михаил Подољак кој изјави дека претседателот Володимир Зеленски најверојатно ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин дури по, како што наведе, очекуваната голема битка за источен Донбас.

„Украина е подготвена за големи битки. Украина мора да победи,особено во Донбас. И после тоа Украина ќе добие помоќна преговарачка позиција, од која може да диктира одредени услови. Потоа ќе се сретнат претседателите. Тоа може да потрае две или три недели“. смета тој.

Сите овие најави и случувања на теренот покажуваат дека крвопролевањето во Украина е далеку од завршено. На сето ова треба да се додаде и изјавата на лидерот на чеченските борци кои се борат на страната на Русија , Рамзан Кадиров, кој изјави дека руските сили ќе започнат офанзива, не само на опколеното пристаниште Мариупол, туку и на Киев и други украински градови.

– Ќе има офанзива, не само во Мариупол, туку и во други места, градови и села – изјави Кадиров во видеото објавено на неговиот Телеграм.

Очигледно е дека наредните две недели се клучни за исходот од руската „спецјална операција“ во Украина. Доколку Русија успее да ја порази украинската армија во битката за Донбас, веројатно ќе може полесно да ги трасира своите геостратешки одбранбени цели во своето влијание во Украина. Во спротивно, Русија ќе се соочи со невиден воен и политички пораз, најголем во поновата историја.

Останува и прашањето, што доколку соседните Финска и Шведска, како неутрални држави сепак ги реализираат најaвите и станат членки на НАТО? И кој би бил одговорот на Москва доколку се здобие со нови НАТО членки на своите граници?

Одговори на сите овие прашања ќе бидат познати најверојатно во наредните две недели.

Back to top button
Close