(ВИДЕО) Ексдиректорот на ЕСМ, Васко Стефанов, е спроведен во Кривичниот суд

Ексдиректорот на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Стефанов, кој е еден од осомничените во вчерашната акцијата „Адитив“ на Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК), денеска е спроведен во Кривичниот суд со лисици на рацете, пренесува ТВ Алфа.

Тој е еден од 23. лица што се осомничени за криминал тежок 6,5 милиони евра.

Стефанов вчера е приведен откако претходно не беше достапен за органите на прогонот во земјава.

Според сознанија на „360 степени“, тој се наоѓал во една соседна земја и во текот на денот се вратил во земјава, најверојатно, како што рекоа нашите извори, откако дознал дека се бара во кривична постапка.

Фото: Принтскрин

Недостапен за истрагата и понатаму е претходникот на Стефанов на функцијата директор на ЕСМ, Васко Ковачевски. Сознанијата за него велат дека се наоѓа во земја членка на Европската Унија.

Дека Ковачевски се наоѓа надвор од земјата вчера потврди и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека очекува ексдиректорот на ЕСМ наскоро да биде обезбеден и вратен назад во земјава.

Од Обвинителството вчера соопштија дека во период од 13.04.2023 до 23.08.2024 година, дел од осомничените во својство на службени лица во АД ЕСМ и АД „Пошта на Северна Македонија“ создале група која имала за цел вршење на кривични дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело предвидено и казниво по чл. 273 од Кривичниот законик.

За време на акцијата, според МВР, обезбедени се голем број материјални докази (документација), а кај три лица пронајдени и одземени се околу 130 000 евра.

Back to top button
Close