(ВИДЕО) Филипче за тврдењата на Мицкоски дека бил следен со дронови: Лагите на премиерот еволуираат со тоа како еволуира технологијата
Одговарајќи на новинарско прашање дали како поранешен функционер во владата на СДСМ има такви информации, Филипче на денешната прес-конференција во Собранието кажа дека немоќта да се справи со водењето на држава, Мицкоски ја затскрива со измислени состојби и лаги.
Според Филипче, неговиот политички опонент откако е на фукцијата како да живее во паралелен универзум, во кој гледа работи кои му се прикажуваат само нему, наведувајќи ги во тој контекст тврдењата на премиерот за митото што му било барано за третата секција од железницата кон Бугарија, наводите за дестабилизација на државата, како и оние дека автопатските делници што ќе ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ се коруптивен проект.
„Би рекол дека лагите на премиерот еволуираат со тоа како еволуира технологијата. Во еден дел жолтите комбиња станаа дронови, во друг дел видовме на собраниската седница шилото стана црвче. Премиерот откако е на функција очигледно како да живее во некој паралелен универзум, некои работи само тој ги гледа. Имаше некое мито за железничкиот коридор што само тој го виде, имаше дестабилизација, сега нема, па „Бехтел и Енка“ беше скандалозно коруптивен проект на којшто сега се сликаат и повикуваат на негова промоција“ изјави Филипче, одговарајќи на прашањето.
Премиерот Мицкоски обвинувањата дека како опозиционер бил следен со дронови ги изнесе на собраниската седница за пратенички прашања во четвртокот, кога од паралементарната говорница со Филипче се соочија околу именувањето на Бојан Христовски за нов директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), кое предизвика бројни реакции и дилеми во јавноста, особено околу валидноста на неговиот ТОФЛ-сертификат за познавање на англискиот јазик.
На прашањето на Филипче дали конечно ќе се охрабри и ќе го разреши Бојан Христовски од функцијата директор на Агенцијата за национална безбедност, Мицкоски на говорницата излезе со туце од листови за кои рече дека се слични такви сертификати на директори назначени од претходната Влада на СДСМ.
Тој не застана тука и во продолжение рече дека кога СДСМ и ДУИ биле на власт незаконски со дронови го следеле него лично и ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи дека за сите тие „оперативно технички состојби“ ќе има одговорност.
„До поранешниот министер за внатрешни работи кој е тука, до него не допираше гласот, но затоа се дигаа дронови над мојата куќа, кога сум одел и на терен во Прилеп и тоа е се во белешките на службите кои треба да разузнаваат и контраразузнаваат. Го разузнавале претседателот на опозицијата со дронови оперативни и оперативно технички средства. Нормално е тоа? И сега се уплашени и од свиркачи добиваат информации, за сето тоа што мора да има одговорност“рече премиерот одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Венко Филипче.
Потенцира дека кога ќе дојде редот за одговорност, јавноста ќе дознае, но Владата нема да прави од тоа театар како што правеше претходната власт од систем кој е од витално значење за државата.
Филипче на денешната прес-конференција рече дека ваквиот пристап е карактеристечен само за луѓе кои не можат да се носат со функцијата која ја имаат и затоа бегаат во лага.
„Би рекол дека тој измамнички пристап е карактеристичен само за луѓе коишто не може да се носат со функцијата која ја имаат и бегаат во лага тогаш кога имаат некаков сериозен предизвик на кој не можат да изреагираат и едноставно нема што да направат“рече лидерот на СДСМ.