(ВИДЕО) Никој не треба да им кажува на граѓаните што да јадат, најмалку Владата, вели Трендафилов во интервју за „Фокус“
На 1 Мај, наместо на марш, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ќе протестира, а причини за големиот протест се најниските плати во регионот, кои не се зголемуваат во согласност со потпишаните договори додека владата и работодавците одбиваат да ја зголемат минималната плата на 500 евра и сите други плати за најмалку 100 евра.
Во интервју за „Фокус“, претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов апелира работниците да покажат единство оти живеат од плата, а не од политика и масовно да излезат да го искажат незадоволството.
ФОКУС: Дали владата сака да ги изигра синдикатите и работниците и со оваа просечна кошничка да ја промени перцепцијата на граѓаните дека две минимални плати од 24.000 денари се доволни да се помине месецот, а во меѓувреме додека ја спрема кошничката, си нарачува авокадо и папаја?
ТРЕНДАФИЛОВ: Одамна е поминато времето кога можевте да ги убедувате граѓаните дека може добро да се живее. Тие времиња се минато, неславно време. Мислам дека денеска се едуцирани и освестени граѓаните и работниците. Тие знаат како да го побараат тоа што сметаат дека им е потребно нив и на нивните семејства. Верувам дека никој не треба да им кажува што треба да јадат и да пијат и како треба да живеат, но некој треба да им ги зголеми платите за да можат тие самите да го направат тоа по сопствен избор. Времето кога некој друг избираше за вас мислам дека заврши некаде во 1990-тите години.
Целото интервју можете да го прочитате во новиот број на неделникот „Фокус“ кој излегува на 30 април