(ВИДЕО) Нови тензии на северот на Косово: Полицијата со солзавец растеруваше граѓани, врие од припадници на КФОР

Нови тензии утринава на северот на Косово во општините со мнозинство српско население. Косовската полиција утринава употребила солзавец за да ги растера граѓаните откако КФОР им дозволи да се соберат пред зградата на општината во Звечан.

Како што јавуваат српските медиуми, војниците на КФОР, со опрема за разбивање демонстрации, како и припадници на косовската полиција, се распоредени пред општинските згради во Звечан, како и во Лепосавиќ и Зубин Поток каде што денеска локалните Срби повторно се собраа да се спротивстават на новите градоначалници, избрани на локалните избори на 23 април, кои српското население ги бојкотираше.

Покрај пред општините, како што јавува РТС, полицијата распоредила специјалци на сите поголеми раскрсници на северот во Косово.

Ситуацијата, според српските медиуми, е напната, а во прекин е и наставата во сите основни и средни училишта, како и во градинките.

Претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, утрово разговарал со припадниците на мировната мисија на КФОР во Звечан.

Како што пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), тој, наводно, рекол дека барањето на тамошните Срби е новиот градоначалник на оваа општина, Илир Пеци, да не влегува во општинската зграда. Тој, исто така, побарал од КФОР косовската полиција да ги повлече специјалните единици од оваа област.

Во петокот, по обидите на граѓаните од северот од Косово да ја спречат полицијата да влезе во општинските простории во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, дојде до судири, во кои полицијата употреби солзавец и шок-бомби.

Неколку Срби беа повредени, а косовската полиција влезе во општинските згради и во нив внесе градоначалници Албанци.

По тензиите, српскиот претседател Александар Вучиќ ја подигна борбената готовност на Армијата.

Меѓународната заедница ја повика владата на Косово да се откаже од одлуките и да не се обидува „насилно да влезе“ во општинските згради, додека Приштина го бранеше ставот новите градоначалници да одат во нивните канцеларии.

Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, вчера го повика Косово да не презема „еднострани и дестабилизирачки чекори“ на северот на Косово.

Back to top button
Close