(ВИДЕО) Обвинителката ми го доуништи животот, очекувам разрешување, рече сопругата на загинатиот кај „Млечен“

Сопругата на Гоце Димитриевски, кој загина во сообраќајката кај „Млечен“ за која судот неодамна пресуди условна казна, денеска до Советот на јавни обвинители поднесе претставка против надлежната обвинителка во случајот.

Наташа Димитриевска вели во целиот случај има низа пропусти од страна на обвинителството. Самата постапка вели дека се водела предолго и не е направена соодветна квалификацијата на делото, односно обвинителката навела дека тоа е сторено од небрежност. Дополнително, како што вели, таа не повела постапка против обвинетиот Васил Чорбаџиев  за неукажување помош при сообраќајна незгода, а во обвинението не било запишано ниту дека во сообраќајката таа го изгубила плодот.

Oбвинителката Снежана Бундалевска Ѓорѓиевска сторила тешка дисциплинска повреда со оглед дека намерно и неоправдано направила крупна професионална грешка со тоа што не ги набавила медицинските документи за загубата на мојот плод како резултат од случената сообраќајна незгода и него внела во диспозитивот на обвинението; Наредбите за вештачење не се целосни за утврдување на видот и карактерот на повредите; Не го товари обвинетиот за кривично дело неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода; Обвинетиот го товари дека делото го сторил од небрежност, а делото е сторено од умисла со оглед дека на местото на незгодата умислено презел дејствие на вртење во лево иако е забрането, има знак и две дупли линии – ова се дел од забелешките на Димитриевска во нејзиниот допис до Советот на јавни обвинители.

Таа вели дека цела постапка во истрагата е спроведена од неа и нејзиниот правен застапник, а од обвинителството е само сослушан обвинетиот.

„Предметот е доставен до Советот на јавни обвинители, а откако ќе биде спроведена постапката предлагам да ја разрешат од должност обвинителката Снежана Бундалевска-Ѓорѓиевска, која на некој начин ми го доуништи животот и она што ми е останато, а тоа е надежта за правда во оваа држава, во која сѐ уште немаме независно правосудство – рече Димитриевска.

На крајот, Димитриевска преку медиумите упати благодарност до сите граѓани што преку социјалните мрежи ѝ дадоа поддршка.

„Очигледно е дека граѓаните не се согласуваат со оваа пресуда – рече таа.

Димитриевска пред два дена поднесе претставка и до Судскиот совет, за судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ, која досуди условна казна за обвинетиот Васил Чорбаџиев откако го признал делото уште на првото рочиште, кое се одржало на 2 септември.

По нејзините реакции и критиките во јавноста, Основното јавно обвинителство најави дека ќе вложи жалба до Апелацискиот суд во Скопје за пресудата на судот.

извор: 360 Степени

Back to top button
Close