ВИДЕО ПРЕМИЕРА | „Политиканти“ на „Слободен печат“, претседателска епизода: Еднаш се согласија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ – претседател само на непосредни избори


Во најновото издание на Политиканти.мк Сашо Орданоски и Борјан Јовановски разговараа за тоа дека кампањата за претседателските избори неофицијално е почната, иако сè уште се собираат потписи за потенцијалните претседателски кандидати. Како што велат домаќините на поткасот Политиканти иако се уште не се знае колкумина ќе се најдат на гласачкото ливче, општиот впечаток е како претседателските кандидати да живеат во некое друго, минато време, времето пред да се родат мнозината чиишто гласови ги бараат.

Освен тоа, дел од дилемите на Орданоски и Јовановски се и тоа што налага локалниот „фолклор“ во вакви изборни пригоди бидејќи секогаш од ракавот се вади џокерот на национализмот.

Оттука, се отвора прашањето дали е добро да се направат уставни измени и претседател да се избира во Собранието наместо на општи избори? Дали таквото партиско договарање, кое најчесто е пазарење, ќе донесе претседател со интегритет и углед. Какви се искуствата во европските земји? Дали повеќе сакаат претседател-кукла или претседател со легитимитет, се дел од прашањата на кои домаќините се обидоа да дадат појасна слика.
Во поткастот тие се осврнаа и на нашите искуства со претседателите. Каква беше улогата на Борис Трајковски?

Како комичарот Зеленски избран за претседател на непосредни избори и без некои посебни очекувања од Украинците, ја одвеа шегата и стана суштински дел од опстанокот на Украина? Од друга страна, сфаќа ли рускиот претседател Путин дека Русија е веќе поразена?

За ова и многу повеќе во новото издание на подкастот „Политиканти.мк“ на Слободен печат.

Back to top button
Close