Високи утрински температури и предупредување за заштита од топлотен бран – земјава е во портокалова фаза
Според УХМР, во текот на денов ќе има мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Попладне ќе има услови и за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 15 до 23, а максималната ќе достигне од 33 до 41 степен, додека УВ-индексот ќе изнесува 9.
И во Скопје се очекува мала до умерена облачност со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне 40 степени.
Од Министерството за здравство потсетуваат на општите мерки за заштита до кои треба да се придржуваат граѓаните, особено во овие екстремно топли денови.
„Да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор, да се најде можност за почести одмори под сенка. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа и да се користи крем со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри“,
укажуваат од министерството.
Од Министерството препорачуваат и единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени, стари и изнемоштени лица и бездомници,
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарски производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивна употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање веднаш по подготовката