Вистиномер: Не е точно дека Заев и Филипче се новите сопственици на болницата „Ре-Медика“


Во сопственичката структура на приватната болница засега не се извршени никакви промени. Ова не значи дека можеби во иднина нема да се случат, но информацијата дека од 1 септември годинава сопственици на „Ре-Медика“ се поранешниот премиер Зоран Заев и ексминитерот за здравство Венко Филипче, не соодветствува со фактите. Според податоците од Централниот регистар, сопственик на општата болница „Ре-Медика“ е Макмедикон Консалтинг, а управител е Елица Јорданова, сопруга на бизнисменот Минчо Јорданов и овие податоци не се променети од 2006 година

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се тврди дека поранешниот премиер Зоран Заев и ексминистерот за здравство Венко Филипче станале газди на приватната болница „Ре-Медика“. Нашата проверка на факти покажа дека оваа информација не е точна.

Во споделениот напис, во насловот, се вели:

ГОТОВО Е! РЕМЕДИКА ОД ДЕНЕС Е ФИРМА НА КОЈА ГАЗДИ СТАНАА ФИЛИПЧЕ И ЗАЕВ!!!

Понатаму, во текстот се пренесува наводен допис од анонимен читател, кој, меѓу другото, тврди дека „од денеска (н.з. 1 септември 2022) „Ре-медика“ е во сопственост на Заев и Филипче“ и се додава дека ексминистерот за здравство бил во посета на болницата, „се однесувал како газда, се шетал со газдарицата Елица и се шетале и разговарале во канцеларијата“.

Нашата проверка на факти покажа дека оваа информација не е точна, односно во сопственичката структура на приватната болница не се извршени никакви промени. Ова не значи дека можеби во иднина нема да се случат, но информацијата дека од 1 септември годинава сопственици на „Ре-Медика“ се Зоран Заев и Венко Филипче, не соодветствува со фактите.

Имено, според податоците од Централниот регистар, сопственик на општата болница „Ре-Медика“ е Макмедикон Консалтинг, а управител е Елица Јорданова, сопруга на бизнисменот Минчо Јорданов.

Макмедикон Консалтинг ГмБХ е фирма со седиште во Виена, Австрија, отворена е во 2004 година, а според австрискиот регистар на компании, акциите во фирмата се поделени меѓу Минчо и Елица Јорданови, додека Јорданов се јавува како директор.

Овие податоци, во однос на сопственичката структура на „Ре-Медика“ не се променети од 2006 година.

Инаку, ПЗУ Ре-Медика е првата приватна општа болница во Република Македонија основана во 2005 година. На адресата на болницата, пак, според податоците од Централниот регистар, 16-та Македонска Бригада 18, Гази Баба во Скопје, регистрирани се и голем број други фирми кои се поврзуваат со познатиот бизнисмен Јорданов. На официјалната веб-страница на болницата, сè уште стои Елица Јорданова како генерална директорка.

Сето ова значи дека сопствеништвото на „Ре-Медика“, формално-правно не е променето, иако за тоа во последниов период постојат повеќе шпекулации во јавноста. Оттаму, информацијата дека Заев и Филипче станале сопственици на „Ре-Медика“ ја оценуваме како невистинита.

Back to top button
Close