Виткоф: Крим и четирите региони под руска контрола главен проблем во преговрите за Украина

Клучниот проблем за решевање на војната во Украина е статусот на регионите под контрола на Русија, изјави специјалниот претставник на американскиот претседател Стивен Виткоф во интервју за новинарот Такер Карлсон.

Виткоф, кој неодамна се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, рече дека крајната цел на сегашната фаза од преговорите меѓу САД, Русија и Украина е да се постигне триесетдневен прекин на огнот за време на кој страните ќе разговараат за можностите за целосен прекин на непријателствата.

– Мислам дека најголемиот проблем во овој конфликт се таканаречените четири региони: Донбас, Крим, Луганск, и два други региони. Тоа се региони во кои се говори руски јазик, таму се одржаа референдуми, на кои огромното мнозинство луѓе изразија желба да бидат под руска власт. Мислам дека ова е клучно прашање во конфликтот, оцени Виткоф.

Тој додаде дека тоа е клучна точка во конфликтот и дека има позитивна и конструктивна дискусија, иако тој проблем често се избегнува.

– Тоа е слонот во собата. Во Украина има уставни проблеми во врска со територијалните отстапки. Русија де факто ги контролира овие територии. Прашањето е дали светот ќе ги признае овие територии како руски? Дали Зеленски ќе преживее политички ако ги признае? Ова е централното прашање во конфликтот. Меѓу другото, доколку се постигне мировен договор, Украина не би можела да смета на тоа да стане членка на НАТО и мислам дека раководството во Киев во голема мера го прифати тој факт, рече Виткоф.

Тој истакна дека Зеленски е во многу тешка позиција, соочен со голема земја која поседува нуклеарно оружје и чие население е четири пати поголемо од украинското. Според него, ова е најдобриот момент за Зеленски да го финализира мировниот договор, кој би можел да се спроведе со помош на американскиот претседател Доналд Трамп.

Виткоф посочи и дека САД се за одржување на избори во Украина до крајот на 2025 година, особено ако се постигне договор за прекин на огнот.

Крим стана дел од Русија по резултатите од референдумот во 2014 година, а регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје во 2022 година. Украина не ги признава како руски. Москва бара признавање на овие територии како дел од Русија на меѓународно ниво со цел да започне мировниот процес.

Back to top button
Close