Вкупно 53 случаи на западнонилска треска, најмладата пациентка од Студеничани е отпуштена од болница
Вкупно 53 пациенти досега се евидентирани како лица кои прележале западнонилска треска, информира министерот за здравство Сашо Клековски. Од нив, 50 случаи се потврдени, додека три се сомнителни и за нив се очекуваат резултатите од дополнителните тестирања.

Од вкупниот број пациенти, 52 развиле нервно-инвазивна форма на болеста, додека еден пациент бил без нервно-инвазивна форма и е меѓу лицата кои се излекувани и отпуштени од здравствена установа.
На Клиниката за инфективни болести биле третирани или сè уште се лекуваат 51 пациент со нервно-инвазивна форма, додека еден пациент се лекува во приватна здравствена установа.
Од 51 пациент лекуван на Клиниката за инфективни болести, 25 се излекувани и се пуштени на домашно лекување. За жал, регистрирани се и пет смртни случаи, додека во моментов се хоспитализирани 21 пациент.
Од хоспитализираните 21 пациент, кај 18 е потврдена западнонилската треска, додека за тројца сè уште се чекаат резултатите од тестирањата.
Шест од моментално хоспитализираните пациенти се на интензивно лекување.
Најмладата пациентка од Студеничани е отпуштена од болница, а се очекува и најмладиот пациент, кој има 26 години, од Зелениково да биде отпуштен од болница.
Исто така и пациентот кој се лекувал во приватна болница е отпуштен.






