Вкупно активни 3.475 случаи на Ковид-19, најмногу заболени во Скопје и Тетово

– Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 8.332, а во моментов активни се 3.475, откако вчера беа регистрирани 135 нови случаи на заразени.

Бројката на заболени повторно е највисока во Скопје, со тоа што вчера од направените 1.259 тестирања во главниот град се регистрирани 76 позитивни лица. По Скопје следи Тетово со регистрирани 13 новозаболени.

Што се однесува до останатите градови во земјава, во Куманово вчера беа регистрирани нови 6 позитивни, Дебар – 2, Штип – 6, Прилеп – 1, Струга – 7, Битола – 3, Охрид – 1, Кавадарци – 1, Гостивар – 10, Гевгелија – 1, Македонски Брод – 1, Кратово – 1, Свети Николе – 2, Кичево – 3, Ресен – 1.

Како што соопшти Министерството за здравство, вчера починаа четворица пациенти, еден од Скопје, еден од Тетово, еден од Охрид и еден од Кичево.

Институтот за јавно здравје вчера регистрира 142 оздравени лица од: Скопје – 68, Штип – 3, Прилеп – 1, Тетово – 15, Струга – 15, Охрид – 15, Гостивар – 7, Крива Паланка – 1, Кочани – 1, Пробиштип – 1, Кратово – 5, Свети Николе – 6, Ресен – 4.

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се четворица пациенти.  Вкупно се хоспитализирани 88 пациенти. На кислородна поддршка се 53 пациенти, нема пациенти на респираторна машина. Во болницата во Козле се хоспитализирани 25 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, пет деца позитивни и едно дете суспектно на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ примени се четворица пациенти, вкупно хоспитализирани се 83 пациенти. На респираторна машина се пет пациенти.

Според неделниот извештај за период од 6 до 12 јули што вчера го објави Институтот за јавно здравје, во овој период се направени повеќе тестирања за Ковид-19, но процентот на позитивни од тестирани случаи е благо намален.

Во дадениот период направени се вкупно 9.995 тестирања (1.573 повеќе од периодот 29 јуни – 5 јули) и регистрирани се 1.073 позитивни случаи на Ковид-19, што е за 156 случаи повеќе од претходната недела. Споредбено, процентот на позитивни од тестирани случаи е благо намален, 10,7 отсто позитивни од тестирани за периодот од 6 до 12 јули, наспроти 10,9 отсто за претходната недела.

Според извештајот, во последните четири недели процентот на позитивни случаи од тестирани на неделно ниво бележи пад. Новозаболени се регистрирани во 26 градови, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (42,3 отсто) и во Тетово (8,9 отсто).

Во 16 града во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.

Од новозаболените во овој период најголем процент се лица над 60 години 22,8 отсто, поголем број новозаболени се регистрира кај лица на возраст од 30 до 39 години – 20,1 отсто, потоа кај лица од 50 до 59 години – 19,3 отсто и од 40 до 49 години – 18,8 отсто. Најмал број на новозаболени има кај децата и тоа на возраст до девет години – 3,7 отсто, и од 10 до 19 години – 3,3 отсто од вкупниот број новозаболени, информира Министерството за здравство.

Back to top button
Close