Влада: Мицкоски на многубројни економски и политички средби во Вашингтон
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја продолжи својата посета на Вашингтон каде што, како што информираат од Владата, остварил многубројни средби на кои лобирал за македонските интереси.
Од Владата потсетуваат дека Мицкоски вчера присуствувал на дел од инаугурациските активности на новиот претседател на САД, Доналд Трамп.
Премиерот Мицкоски на свеченоста „Гласови на слободата“ организирана од компаниите „Трамп медиа“ и „Рамбл“, која се одржала по инаугурацијата, како што информира тој на својот официјален фејсбук-профил, остварил средба со Ден Бонџино, еден од најблиските соработници на претседателот Трамп и најпознат политички десничарски коментатор.
„Разговор во кој зборувавме за Македонија, нашите предизвици, но и можности. Нашите аргументи и позиции се јасни и нашето стратешко партнерство со САД и администрацијата на Претседателот Трамп се силни. Се бориме дома за повисоки плати, пензии, нова инфраструктура, подобро здравство, поконкуретно образование, брзорастечка економија итн., но се бориме и во Брисел, Берлин, Париз, Лондон, Вашингтон итн., нашиот глас е се посилен”,информираше Мицкоски за средбата.
Мицкоски остварил разговор и со Ендру Пејкоф, канадски бизнисмен со македонско потекло, основач и претседател на „Нијагара ботлинг“.
„Инвестициите на ‘Нијагара ботлинг’ во Македонија се добредојдени. Македонската дијаспора е клучен елемент во системот, нашиот глас и аргументи да бидат појасни и посилни во Светот. Обновуваме но и создаваме нови можности и партнерства со секој што може да помогне државата”,
истакна Мицкоски за средбата.
Мицкоски се сретнал и со Џеси Спиро, главен директор во „Тетер“ и одговорен за стратегиски односи со владите во светот. „Тетер“ е најголемата компанија во Светот која менаџира дигитален капитал, криптовалути. Профитот на компанијата во 2023 година е 6,2 милијарди американски долари, а само во првата половина од 2024 година профитот на компанијата е 5,2 милијарди американски долари, пишува Мицкоски на Фејсбук.
„Разговаравме за криптопазарот, иднината на криптовалутите и блокчејн-технологијата. Секоја инвестицијата на ‘Тетер’ и споделено искуство од најголемите во својата област е добредојдено. Мора да чекориме со големи чекори напред. Предизвиците на иднината не смееме да ги игнорираме”,
додаде Мицкоски.