Влада: Продолжува да расте просечната месечна нето плата

 

 Согласно податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во август 2021 година изнесува 28.642 денари. Тоа значи зголемување од четири проценти во однос на истиот месец минатата година, поточно за 1.107 денари. Зголемување на просечната нето плата е регистрирано и во однос на  јули годинава, кога платата изнесувала 28.540 денари, информираат од владината прес-служба.

Зголемувањето, се вели во соопштението, се должи, пред сѐ, на зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (15.1 %), уметност, забава и рекреација (14.2 %) и други услужни дејности (13.5 %).

-Согласно статистика, највисока просечна нето плата е регистрирана во секторот информации и комуникации, потоа следуваат финансиски дејност и дејности на осигурување. Податоците на Државниот завод за статистика го потврдуваат трендот на раст на платите кој е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата за раст на просечната и на минималната плата, се вели во соопштението од владината прес-служба.

Додава дека доколку последниот податок се спореди со август 2017 година, кога просечната плата била 22.912 денари, разликата е 5.730 денари.

-Посветени сме на реализација на стапките на економски раст од 4-5% и покачување на платите за 20 % до 30 % сѐ со цел подобрување на стандардот на граѓаните и економијата во земјата, стои во соопштението од владината прес-служба.

Back to top button
Close