Инспекција во Македониум: Управата тврди дека нема дозвола за поставените метални решетки

Поставувањето на метална заштитна конструкција на споменикот Македониум во Крушево предизвика институционална реакција, откако Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) соопшти дека не издала конзерваторско одобрение за изведување на овие работи. Од Управата најавија дека инспектори ќе излезат на терен за да ја утврдат фактичката состојба.

Директорката на УЗКН, Весела Честоева, изјави дека иако Македониумот во 2025 година бил прогласен за културно добро во опасност и биле пропишани итни мерки за заштита, до институцијата не било доставено барање за одобрение за поставување на привремената метална конструкција.

„Со решението се предвидени итни мерки за заштита, но во однос на поставувањето на заштитната времена конструкција, до Управата не е доставено барање за конзерваторско одобрение. Донесов наредба инспекцискиот надзор да излезе на терен и да направи увид, по што јавноста ќе биде навремено информирана“, изјави Честоева.

Од друга страна, директорката на НУ Завод и музеј – Прилеп, Мимоза Христоска, претходно посочи дека станува збор за исклучиво привремена мерка чија цел е да се спречи натамошното оштетување на споменикот. Според неа, конструкцијата ќе биде поставена на осумте застаклени галерии и ќе остане до изработката на основниот проект за целосна конзервација, реставрација и санација.

Христоска нагласи дека Македониумот со години се соочува со сериозни проблеми поради протекување, влага и оштетувања на витражите, а последните позначајни зафати биле реализирани во 2016 и 2017 година. Таа уверува дека привремената конструкција нема да го претставува конечниот изглед на објектот и дека подоцна ќе биде покриена со лексан, со што нема да биде видлива како што е сега.

Во меѓувреме, Националниот конзерваторски центар соопшти дека негов стручен тим неодамна извршил увид на витражните композиции, при што биле констатирани бројни оштетувања на металната носечка конструкција и на витражните стакла. Според Центарот, тие наоди ја потврдуваат потребата од итни конзерваторски мерки и изработка на проект за трајна заштита на еден од најзначајните споменици на современото македонско културно наследство.

Поставувањето на металните решетки во изминатите денови предизвика бројни реакции во јавноста, поради стравувањата дека се нарушува автентичниот изглед на Македониумот, кој е еден од најпрепознатливите симболи на Крушево и македонската архитектура. Од надлежните институции, пак, уверуваат дека станува збор за привремена интервенција чија единствена цел е зачувување на споменикот до почетокот на неговата целосна реконструкција.

Back to top button
Close