Владата ги замрзна цените на тестенините и млечните производи: Намалувања за 15 и 10 отсто

Макароните и шпагетите ќе поевтинат за околу 8-9 денари, вели премиерот Ковачевски
За 10 отсто ќе се намали и цената на белото сирење, кашкавалот, киселото млеко, павлаката и јогуртот – цените на млечните производи, според владината одлука, се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 1 март 2023 година
Владата донесе одлука да ги замрзне цените на тестенините и на млечните производи со што тие ќе се намалат за 15 односно 10 отсто, соопшти денеска премиерот Димитар Ковачевски на заедничка прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши.

Оваа одлука ќе се применува од 17 март 2023 година до 31 мај 2023 година.

Од тестенините конкретно станува збор за макароните и шпагетите, а намалувањето на нивните цени ќе биде за околу 8-9 денари.

„Се замрзнува односно намалува цената на тестенините кое намалување се предлага да биде за 15 проценти на цената која се применува во трговијата на мало на 1 март 2023 односно во просек за околу 8 до 9 денари. Се работи за тестенини односно макарони и шпагети. Исто така, се укинуваат и царинските давачки за увоз на овие производи за период од 13 март 2023 до 31 мај 2023“ рече Ковачевски.
Цената на млечните производи се замрзнува на онаа која била во маркетите на 1 март годинава што, вели Ковачевски, значи намалување за 10 отсто.

„Се замрзнуваат и цените на млечните производи и тоа трајното кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%; урдата; кравјото бело сирење и мешаното бело сирење; кравји кашкавал – со исклучок на кравји кашкавал без додатоци и пармезан; киселото млеко; павлаката и јогуртот без додатоци. Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 1 март 2023 година во трговијата на мало кои цени се намалуваат за 10 проценти“ објасни премиерот.

Ова е второ замрзнување на цените годинава. Претходно, на владина седница на 28 февруари беше одлучено да се замрзне цената на белиот и полубелиот леб со тежина од 450 грама и повеќе на максимални 33 денари.

Исто така, поради тоа што претходно не ги намалија цените, беше укинато субвенционирањето односно повластената тарифа на струјата за производителите на основни прехранбени продукти.

Back to top button
Close