Владата го разреши директорот на Службен весник кој беше кадар на Демократскиот сојуз

Владата го разреши Владимир Кроневски од директорската функција на Јавното претпријатие Службен весник на Севесна Македонија, информираа од владината прес-служба попладнево.

На негово место за в.д. директорката е именувана Кристина Јоакимовска.

Кроневски беше кадар на Демократскиот сојуз (ДС) и ова директорско место беше единственото кое го имаше партијата како дел од владејачката коалиција.

Вчера, од ДС најавија дека тој ќе поднесе оставка, но во владиното соопштение не е наведено дали на разрешувањето му претходела и оставка.

„Владата, по точката за кадровски прашања, донесе одлука да го разреши Владимир Кроневски од должноста директор на ЈП Службен весник на Република Северна Македонија. Владата ја именуваше Кристина Јоакимовска за в.д. директор на ЈП Службен весник на Република Северна Македонија“,пишува во соопштението од Владата.

Демократскиот сојуз имаше и заменик-министер за локална самоуправа – Зоран Димитровски. Тој вчера си поднесе оставка до премиерот Димитар Ковачевски.

Заменик-министерот за локална самоуправа од редовите на ДС поднесе оставка од функцијата

Повлекувањето на функционерите од партијата следува откако пред два дека Претседателството и Централниот совет на ДС одлучи да не ја поддржи реконструкцијата на Владата и да го напушти парламентарното мнозинство

Back to top button
Close