Владата објави дека Ибрахим Ељези е поставен за в.д.заменик на КПД Идризово па се предомисли.СДСМ да не лажеле

Во соопштението испратено до медиумите по седницата на Владата на 24 јули пишува дека Ибрахим Ељези, на предлог на Александар Пандов, е именуван за в.д. заменик-директор на КПД Идризово со отворено одделение во Велес. Во соопштението за истата седница кое е објавено на веб-страницата на Владата името на Ељези го нема

Од владината прес-служба реагираат дека СДСМ шири дезинформации, затоа што, како што тврдат во писмената реакција, поранешен затвореник не бил назначен за в.д. директор на одделението Велес на КПД Идризовo

Од Владата тврдат дека се разгледувал таков предлог, но не бил прифатен.

„Постоеше таков предлог за именување на в.д. заменик на директор на КПД Идризово, но по направените дополнителни проверки истиот не е прифатен. Лицето нема да стапи на функција, и ќе има ново именување на позицијата на следната седница на Влада“,се вели во денешното соопштение на владината прес-служба.

На реакцијата на СДСМ за в.д директорот на одделението Прилеп, пак, од Владата велат дека треба да се почитува пресумпцијата на невиност.

„Во однос на директорот на затворот во Прилеп, за секој поединец има пресумпција на невиност, постоењето на кривична пријава без пресуда која е правосилна не е гаранција за сторено кривично дело“,пишува во реакцијата.

За директор на тој затвор е поставен Емил Јанески, за кого СДСМ реагираше дека има кривична пријава за „несовесно работење“.

Владата се демантира самата себе

Факт е дека на 24 јули, во соопштението од прес-службата испратено до медиумите по седницата на Владата, пишува дека Ибрахим Ељези е именуван за в.д. заменик-директор на Идризово со отворено одделение во Велес.

Владиното соопштение испратено до медиумите на 24 јули 2024 г.

Но, ако денеска го отворите соопштението за оваа седница кое е објавено на владината веб-страница, името на Ељези не постои.

Владино соопштение актуелно во моментов на владината веб-страница

Back to top button
Close