ВМА Белград: Сите пациенти примени на ВМА се млади, родени од 1998 до 2007 година и се на одделението за Интензивна нега, а нивната состојба е сериозна и тешка“
– Шест пациенти од пожарот во Кочани се на лекување во Воено-медицинската академија во Белград и еден е во Ниш и сите се во тешка состојба, јави МИА од Белград. Тоа го изјави попладнево заменик началникот на ВМА, Иван Лековиќ.
Пациентите се транспортирани со три амбулантни возила и транспортен авион на Армијата на Србија, а еден пациент со воен санитет е пренесен во Воената болница во Ниш.
„Сите пациенти примени на ВМА се млади, родени од 1998 до 2007 година и се на одделението за Интензивна нега, а нивната состојба е сериозна и тешка“, изјави полковник Лековиќ.
„Покрај изгорениците што ги имаат сите, пациентите имаат и знаци и симптоми на труење од гасови како и повреди при вдишување, односно оштетувања на дишните органи и бели дробови. Третманот е долготраен, бара бројни хируршки интервенции, вклучување на бројни други специјалисти… Сето тоа бара време и многу труд“, рече полковник Лековиќ.
Пациентот кој е примен во Воената болница во Ниш е опериран и исто така е во тешка состојба.
Заменик-началникот на Воено-медицинската академија потсети дека со медицински транспорт испратиле шестчлена медицинска екипа во Северна Македонија.
„Тие останаа во Скопје и им помагаат на колегите од Северна Македонија во хируршкото лекување на пациентите. Ќе бидат таму онолку колку што е потребно“, нагласи полковникот Лековиќ.
Кога станува збор за идна евакуација на пациенти, Лековиќ истакна дека српски воено-транспортен авион ќе слета во Скопје, каде ќе пренесе 12 нови пациенти и дека по тријажа и проценка на нивната состојба, тие ќе бидат распоредени во ВМА и во Клиничкиот центар на Србија