ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи законските измени за минималната плата кои ги предлага СДСМ

Владејачкото мнозинство во Собранието предводено од ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи предложените измени на Законот за минимална плата кои ги предлага пратеничката група на СДСМ.

Образложувајќи зошто нема да ги поддржат законските измени, меѓу другото, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Венко Филипче и неговата партија го предложиле постојното законско решение, според кое, усогласувањето на минималната плата е во март.

„Како и тоа дека има фундаментална грешка, при што го отворам прашањето кој внатре во СДСМ го мести Филипче. Бројката на покачување на минималната плата, како што кажа тој, е 12,3 проценти. Сегашната минимална плата изнесува 22 567 денари и ако додадете 12 проценти ново покачување, платата би била 25 342 денари, а никако 27 700 денари коешто, ако одиме по математиката и тоа што треба да значи егзактна наука којашто е постулат на економијата, би било покачување од 22,74 проценти“ изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Додаде дека владејачката коалиција подготвува системско решение со кое што платите ќе бидат покачени за сите.

„Успеавме да се договориме со СОНК, веќе платите на образовните работници оваа година да бидат покачени, заедно со еден пакет којшто треба да генерира 46 проценти покачување на наставниот кадар. Успеавме да ги исплатиме платите коишто беа задоцнети, и овој месец ќе влезе во собраниска процедура и новиот текст за буџетот за 2025. Да оставиме работниците да бидат позитивно изненадени за тоа како новата влада се грижи за нив и какво покачување на платите предвидува“,посочи тој.

На најавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за законски измени за Законот за минималната плата, кои би предвидувале нејзино покачување на 27 700 денари, денеска во куса објава на својот фејсбук-профил реагираше и претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов.

„За да бидете поразлични од ССМ, зошто не 600 евра туку 450 евра ? Бидејќи кога Синдикатот побара додека бевте на власт, велевте дека е невозможно ! Борбата продолжува!“напиша Трендафилов на Фејсбук.

Back to top button
Close