ВМРО-ДПМНЕ: Политиката на СДСМ се сведува на безусловно прифаќање на барањата што доаѓаат однадвор
Преку соопштение, ВМРО-ДПМНЕ упати критики кон претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека не ги брани македонските позиции и дека настапува во согласност со ставовите на официјална Софија.

Од владејачката партија тврдат дека Филипче ги поддржува политиките кои, според нив, бараат нови отстапки од Македонија без јасни гаранции за напредок во евроинтегративниот процес.
-СДС и Венко Филипче не нудат визија, план или решенија. Нивната политика се сведува на безусловно прифаќање на барањата што доаѓаат однадвор, без доволна грижа за државните интереси, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата се посочува дека Македонија се соочува со предизвици поврзани со националниот идентитет, јазикот и историјата, а според партијата, Филипче не се залага за подобра преговарачка позиција на државата.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека јавните настапи на лидерот на СДСМ се насочени кон политичка промоција, наместо кон заштита на националните интереси.
-Македонија нема да оди напред преку понижувања, уцени и национални отстапки. Напредокот е можен само преку политики што ги штитат државните и националните интереси, се наведува во соопштението.






