ВМРО-ДПМНЕ: За Судскиот совет животот на Теодора вреди две години затвор – тоа е нивната „правда“

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ попладнево упати жестока реакција во врска со известувањето на Судскиот совет кој утврди дека судијата Елмедин Ферати не можел да му досуди повисока казна на обвинетиот Менсур Пајазити, кој пред речиси три години смртно ја прегази 22-годишната тетовчанка Теодора Ристовска.

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: „360 степени“ (Архива)

„Судскиот совет денес ја обелодени вистината – за нив, животот на Теодора вреди две години затвор. Тоа е нивната ‘правда’. Срамна, понижувачка и целосно дискредитирана. Да биде појасно: Сите членови на овој Совет се избрани од СДС и ДУИ, во времето на Заев и Филипче. Тоа е нивниот Совет. Нивната мрежа. Нивниот инструмент за заштита на своите и покривање на криминалот“,велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката партија, не станува збор за изолиран случај.

„Ова е дијагноза на системот – болен, трул, партизиран до коска. Судии кои не се водат од закон, туку од партиска лојалност. Совет што не штити правда, туку крие срам. Кога велиме ‘калуѓери што мрсат и во петок’, мислиме на лицемерие без граници. Морален распад. Луѓе без срам кои носат одлуки со кои се убива надежта дека правдата постои. Но нема да остане така. Овој систем ќе падне. Ќе има независен судски систем, ќе има правда. Ќе има одговорност“,порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Судскиот совет попладнево на својата веб-страница го објави наодот на работната група што телото ја формираше за да го испита постапувањето на судовите во конкретниот предмет.

Заклучокот на Советот е дека судијата Ферати не можел да досуди повисока казна, затоа што тоа го забранува членот 428 од Законот за кривична постапка во кој се вели дека:

„Ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот, пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција“

Back to top button
Close