Во Германија 35 отсто од мигрантите се соочиле со расна дискриминација

Истражување спроведено низ цела Германија покажа дека многу мигранти минатата година доживеале некаков вид на дискриминација поради нивната етничка или верска припадност, јавува Анадолија.

Истражувањето на фондацијата Бертелсман покажа дека бројот на инциденти на расна дискриминација минатата година се зголемил, и покрај подобрувањата на свеста на јавноста за проблемот.Околу 35 отсто од мигрантите рекле дека доживеале расистичко однесување и дискриминација во секојдневниот живот поради имиња кои звучат странски, начин на зборување или етничка припадност.

Околу 28 отсто од мигрантите изјавиле дека се соочиле со дискриминација и оти биле третирани неправедно поради нивната религија или убедување.

Според извештајот, муслиманската заедница во Германија е особено погодена од дискриминација.

Околу 72 отсто од анкетираните муслимани изјавиле дека во секојдневниот живот доживеале расна дискриминација „многу често“ или „од време на време“.

Истражувањето покажа дека постои зголемена загриженост во јавноста за проблемот со расизмот во Германија, а зголемена е и поддршката за мерките против расната дискриминација и нееднаквоста.

Околу 70 отсто од анкетираните Германци изјавиле дека веруваат оти властите „треба да направат многу повеќе“ за да обезбедат еднаков третман на луѓето со мигрантско потекло. Во 2008 година само 43 отсто од Германците изразиле поддршка за ваквите мерки.

Back to top button
Close