Во грабежот на златарата во Гостивар, разбојниците одзеле 18 килограми злато во вредност од речиси два милиони евра
18 килограми злато во вредност од 1,8 милиони евра се украдени од златарницата во Гостивар која вчера беше мета на четири разбојници. Од Министерството за внатрешни работи велат дека четирите лица со маски и автоматско оружје извршиле разбојништво во златарница која е во сопственост на С.Ж. од Гостивар, а по извршувањето на делото побегнале со автомобил „бмв х3“ без регистарски таблички. Петнаесетина минути по пријавата, на регионалниот пат Мавровска крстосница – с.Маврово е пронајдено опожареното возило, а при вршење на увидот, во возилото било пронајдена автоматска пушка со бајонет.
„По наредба на јавен обвинител возилото е однесено во кругот на Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гостивар. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот“, велат од МВР.
Според неофицијални информации, за време на бегството, разбојниците поставиле бодликави жици на неколку локации низ градот за да го попречат движењето на полицијата.