Во израелски напад врз Газа убиени шест члена на едно семејство, четири од жртвите деца

Шест членови на едно семејство, меѓу кои четири деца, загинаа денеска во израелски воздушен напад врз куќа во градот Газа, соопштија палестинските здравствени власти.

Според локалните медицински извори, во нападот врз населбата „Сабра“, во централниот дел на градот Газа загинале Фирас ал Масри, неговата сопруга Салсабел, нивните три ќерки и синот. По нападот куќата била зафатена од пожар.

Израелската армија го потврди нападот, наведувајќи дека цел била припадник на палестинската милитантна група „Хамас“ и дека се уште ги истражува последиците од акцијата.

Во меѓувреме, Израелските одбранбени сили соопштија дека во нападите од петокот досега биле убиени тројца припадници на „Хамас“ и „Исламски џихад“. Според израелската армија, двајца од нив биле поврзани со нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година што ја предизвика израелската воена интервенција во Појасот Газа.

Според податоците на здравствените власти во Газа, со денешниот напад бројот на Палестинци загинати во израелските напади од воспоставувањето на примирјето меѓу Израел и „Хамас“ во октомври минатата година надмина 1.150 лица. Повеќето од жртвите се цивили.

Во истиот период, според израелските власти, загинале и четворица израелски војници.

Back to top button
Close