Во кризна состојба државата ќе менаџира и со приватните болници

Советот за безбедност и предложи на Владата да прогласи кризна состојба на територијата на цела држава во траење од 30 дена поради состојбата со коронавирусот во земјата, соопшти денеска претседателот Стево Пендаровски. Кризната состојба е законски регулирана и, меѓу другото, опфаќа вклучување на Армијата како поддршка на полицијата, како и на приватните здравствени установи во справувањето со Ковид-19.
Битна разлика, како што кажа, е во законската можност Владата да управува со ресурсите на органите на државната управа, на јавните претпријатија, на општините на Градот Скопје, но тука вклучувајќи ги и трговските друштва, во овој случај и приватните здравствени установи.
Воведувањето на кризната состојба на целата територија, како што потенцира, нема никаква врска со прогласување на полициски час и евентуално на рестрикции на движењето на граѓаните.
– Тоа е во надлежност прво на Комисијата за заразни болести, потоа на Централниот кризен штаб и се разбира на Владата ако така процени дека е неопходно, рече Пендаровски.
Министерот за здравство Венко Филипче, кој беше повикан од Пендаровски да присуствува на состанокот, информирал за капацитетите и ресурсите во здравството и за реорганизацијата на болниците за справување со пандемијата, додека премиерот Зоран Заев за севкупните активности и за политиките во другите ресори и можните опции и сценарија за наредните денови и недели.
Во моментов во земјата има прогласено кризна состојба на северната и јужната граница во врска со нелегалните преминувања на мигранти и бегалци и на тие подрачја полицијата и војската работат заедно. Сега таквата соработка откако ќе биде декларирана кризна состојба на цела територија ќе биде овозможено буквално на целата територија на земјата.






