Во Македонија постои МАНУ и никаков паралелизам не е дозволен, вели Димитриевски

Науката не смее да се политизира ниту пак да се етницира, таа има своја генеза и континуитет. Ваквите обиди и идеи се резултат на постизборен популизам, се вели во ставот на Максим Димитриевски, Претседател на Движењето ЗНАМ за иницијативата на нивните коалициски партнери во владата од „Вреди“ за формирање Академија на науките на Албанците во Македонија.

-Во Македонија постои МАНУ како една и единствена Академија која им припаѓа на сите и никаков паралелизам не е дозволен. Партнерите во власта од ВЛЕН е потребно да се свртат кон економски раст и развој на државата, подобар живот на сите граѓани на Македонија и суштинска заложба во сузбивање на криминалот и корупцијата вклучувајќи ја и политичката корупција. За тоа е потребна и понуда на кадри со чисто минато без криминал и опашки, објави Димитриевски.

Вицепремиерот и лидерот на Демократскотдвижење од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити пак изјави дека се додека граѓаните во државата, без разлика од која етничка припадност се, сакаат да се занимаваат со наука, истражување, не треба да се плашиме.

Прашан зошто оваа академија не биде дел од МАНУ, Меџити изјави дека можеби и тоа ќе биде решение.

– Но, и МАНУ треба да ги отвори вратите. Ќе прашам зошто во МАНУ нема вработено ниту еден Албанец. Дали втората заедница нема луѓе за МАНУ, не сакаат да се занимаваат. Ова е предизвик, го отвораме ова прашање и заедно треба да најдеме решение. Се додека граѓаните на оваа земја, без разлика на која етничка припадност припаѓаат, бараат школување, бараат да бидат вклучени во академскиот дел, во научните истражувања, треба да бидеме среќни и оти тоа е придонес, инвестиција за иднината на оваа држава, изјави Меџити.

Тој тврди дека тоа што го кажал министерот за јавна администрација Горан Минчев во однос на балансерот, не е онака како што вели законот. Такви иницијативи, рече Меџити, не треба да бидат приоритет и ќе предизвикаат одговори, но вели дека коалицијата е стабилна.

-Од 90-тите години досега немало постабилна коалиција. Различни сме, имаме во некои случаи различни размислувања, но имаме капацитет да разговараме, преговараме, да најдеме компромисни решенија и да одиме напред. Во однос на балансерот, тоа што го кажа министерот Минчев мислам дека не е во рамки на законот. Во законот точно се наведува дека правичната застапеност треба да биде според процентуалната застапеност на населението, не вели на резидентно или нерезидентно. Ние сме посветени на столбовите на Владата, економскиот развој, борбата против корупцијата, ЕУ интеграцијата, тоа се нашите столбови, платформа од која не сакаме да излеземе. Мислам дека и нашите колеги ќе сфатат дека треба да бидат во функција на оваа платформа, а не на секојдневната политика, истакна Меџити.

Back to top button
Close