Во прашање е вистината, ништо друго

 

Може ли некој да ве гледа во лице и да ве лаже? Може. Го прашувам Гугл да ми каже зошто луѓето лажат. Тоа е од желбата да ја контролираат ситуацијата, ми одговара. Кога вистината не е во согласност со таква контрола, произведуваат лага која го потврдува саканиот наратив.Го прашувам да ми ја објасни разликата меѓу компулсивниот и патолошкиот лажго.Тој вели дека кај компулсивниот може и да нема мотив, па и ако се разоткрие неговата лага, не е во состојба да се соочи со вистината. Кај патолошкиот лажго, пак, најчесто има јасен мотив. Што е заедничко за сите лажговци прашувам.  Лажговците се смешкаат, потврдуваат со главата, се наведнуваат нанапред  и воспоставуваат контакт со очите на соговорникот, карактеристики кои се својствени за чесни луѓе.

Откога паметам за себе сум имал проблеми со лажговци, компулсивни или патолошки. Научив дека секогаш било најважно да се излаже во потребниот момент зашто никој веќе не се враќа по вистината.  Никој, имено,не ја сака непријатноста да ја истражува и да ја најде вистината. Уште како асистент, на седница на мојата катедра ми беше укажано дека моите ставови во приложениот текст не се во согласност со законот. Така се донесе одлука спротивна од онаа која ја предложив. После седницата проверив и утврдив дека сепак моите ставови биле во целосна согласност со законот. Но, одлуката беше донесена и на наредната седница никого од професорите на Правниот факултет не го интересираше вистината, ниту пак некој ми се извини. Постар професор и висок функционер во правосудните органи на федерацијата, во тетратката за оджана настава запиша полна училница, а не празна како што напишав јас за истиот тој клас. Комшијата од времето на куќните совети се насмеа на глас и на неговиот пријател му рече покажувајќи кон мене – тој им верува на луѓето. За среќа имав професија која се сведуваше главно на моја комуникација со студенти која беше искрена и без измами од типот: јас ги спуштам критериумите за лесно да се положи испитот а вие не барате од мене да се трудам да ве научам нешто.

Понтије Пилат, римскиот прокуратир на Јудеја и дал на толпата да бира кој да биде распнат Исус или Барабас, вистината или лагата. Толпата застанала на страна на лагата. „Што е вистина“, со потсмев прашал тој, одмавнал со раката и заминал без да сочека одговор. Соочени со проблеми и ние денес често заминуваме пред да ја дознаеме вистината. Зошто, се прашав во една колумна објавена 2006.Затоа што човековата природа се плаши од трудот, трпението и непријатностите кои се неопходни за да се стаса до вистината. Се плаши и од самата вистина која што знае да биде многу вознемирувачка.

Денес, упорно зборуваме за европски вредности и дека сакаме Европа во Македонија? Вистината е таа европска вредност. Таа ќе не направи Европа. Без вистината сме само Балкан каде фактите се факти само кога ни одат во прилог.

Денко Малески

Back to top button
Close