Во САД одбележан Денот на трудот

Во САД денеска се одбележува Денот на трудот (Labor Day), празник на американските работници и синдикати.
Претседателот на САД, Џо Бајден, на митинг денеска во Филаделфија, Пенсилванија, ги пофали синдикатите дека се столб на средната класа на Америка.
Денот на трудот обично паѓа на првиот понеделник во септември, кога локалните и федералните служби не работат, исто како и поштата, банките, библиотеките или одделите за регистрација на возила. Работат само големите супермаркети и рестораните.
Денот на трудот во САД започна да се слави во 1894 година кога 23 сојузни држави го прогласиле за празник. Таа година американскиот Конгрес го усвоил овој ден како национален празник.
-Денот на трудот еднаш годишно ги слави социјалните и економските постигања на американските работници. Почетоците на празникот се при крајот на 19 век кога синдикални активисти се избориле за федерален празник со кој ќе се признае огромниот удел на работниците во силината, просперитетот и добробитта на Америка, се вели во текст објавен на веб-страницата од Министерството за труд.
Денеска во САД не работат ни училиштата, а утрешниот ден се смета за почеток на наставата во многу основни и средни училишта во северните сојузни држави, додека во јужните, наставата започнува при крајот на август. Високите образовни институции сепак се активни, со вршење на планираните студиски активности, предавања и настани.
Празникот обично се слави целиот викенд со скара, пиво и огномети.
Викендот спроти Денот на трудот започнува колеџ лигата од американскиот фудбал, значаен настан за многу американски семејства кои со возбуда ги очекуваат првите игри и ги следат ТВ преносите во живо од своите домови или во рестораните.
Во универзитетите каде се одигруваат првите мечеви од колеџ лигата, пак, е посебен празник – фановите на секој колеџ, тим, деца, студенти и родители се собираат на паркинзите пред фудбалските стадиони и прават „тејл гејтинг“ (tail gating). Односно ги отвараат багажниците на своите пикап камиончиња и теренски возила, ставаат шатори, маси и столчиња, изнесуваат храна, ладни напитоци и прават скара дружејќи се со разговори за политика и спорт. И тоа се прави повеќе часови пред да почне мечот, така што овој викенд е возбудлив празник за мнозинство од Американците.
Претседателот Џо Бајден, кој често вели дека е нај про-синдикалниот претседател во историјата, денеска на митинг во Филаделфија ги пофали американските работници во градењето на економијата и укажа на важноста на синдикатите во градењето на средната класа.
-На Денот на трудот ние славиме нови работни места, добро платени работи, работи со кои ќе можеш да подигнеш семејство, синдикални работи, изјави Бајден.
Претседателот зборуваше како економијата се опоравува после „уништувачката пандемија“ и што оваа администрација направила за обнова на инфраструктурата.
Американската економија во август создаде многу повеќе нови работни места и многу повеќе луѓе бараат работа сега отколку пред јануари 2023 година. Бајден сака да го истакне тоа во пресрет на неговиот обид за реизбор на гласањето за претседател на САД во 2024 година.






