Во Швајцарија откриени повеќе од 1.000 случаи на сексуално злоставување во црквата

Швајцарските историчари идентификувале најмалку 1.002 случаја на сексуална злоупотреба поврзани со Католичката црква од средината на 20. век. Досега се идентификувани 510 обвинети злоставувачи и 921 жртва. Ова е првпат независен истражувачки тим да испитува документи за сексуално насилство од црковните архиви во Швајцарија, пишува Евроњуз.

„Случаите што ги идентификувавме се несомнено само врвот на ледениот брег. Претпоставуваме дека само мал процент од случаите некогаш се пријавени“, велат историчарите Моника Доман и Мариета Мајер, водачи на проектот. Бројни случаи на злоставувања во Католичката црква се забошотени, прикриени или тривијализирани. Многубројните архиви, додаваат историчарите, се уште не се анализирани, а во две епархии се пронајдени докази дека се уништени документите.

Случаите варираат од проблематични прекршувања на границите на однесувањето до тешко, системско и повеќегодишно злоставување, се наведува во студијата. Сторителите биле свештеници, вработени во црквата и членови на верски редови во Швајцарија. Тие често се префрлани за да се избегне гонење од страна на секуларните власти.

При тоа, интересите на Католичката црква и нејзините великодостојници биле ставени пред благосостојбата и безбедноста на парохијаните, се истакнува во студијата. Околу 39 отсто од жртвите биле жени, а речиси 56 отсто мажи. Речиси три четвртини биле деца или тинејџери. Со мали исклучоци, насилниците биле мажи.

Back to top button
Close