Во три американски држави започна предвременото гласање за претседателските избори

Во Минесота, Јужна Дакота и Вирџинија денеска започна предвременото гласање за претседателските избори во САД, со што започна шестнеделниот процес кој ќе заврши на 5 ноември.

До средината на октомври ќе гласаат уште десет сојузни држави.

„Кога би можел да мавтам со магично стапче во моментов, би сакал две работи, од сега до 5-ти ноември сакам да видам голема излезност и малку драма“, рече државниот секретар на Минесота, Стив Сајмон.

Директорот за избори во округот Ферфакс во Вирџинија, Ерик Спајсер рече дека околу една третина од локалните гласачи излегле на гласање на денот на изборите за време на претседателските избори во 2020 година, додека останатите гласале по пошта или порано.

Тој додаде дека очекува годинашниве претседателски избори да имаат голема излезност во Вирџинија.

Во Јужна Дакота, највисокиот изборен функционер во округот Минехаха предвидува конечна излезност од 80 проценти. Во зградата на администрацијата на округот во Сиукс Фолс е поставен простор за предвремено гласање.

Окружниот ревизор Леа Андерсон рече дека претседателските избори, како и неколкуте референдуми, особено оние кои се однесуваат на заштитата на абортусот и легализацијата на марихуаната, ќе привлечат гласачи.

Многу гласачи кои гласале порано сега може да се одлучат за рано лично гласање наместо гласање по пошта за да се осигураат дека нивните гласови ќе бидат пребројани, со оглед на големите проблеми со американската поштенска служба.

Back to top button
Close