Во Загреб брутално претепан српски бизнисмен, продуцент и сопственик на Хајп ТВ
Саша Мирковиќ, српски бизнисмен , музички продуцент и сопственик на „Хајп Телевизија“, бил претепан пред хотелот „Шератон“ во центарот на Загреб, објавија српските медиуми.

Според нивните искази, Мирковиќ и уште еден маж се сретнале на влезот во хотелот, по што дошло до вербален конфликт кој прераснал во физичка пресметка. Инцидентот се случи денес околу 12:30 часот.
„Телеграф“ објави снимки на кои се гледа како крвавиот Мирковиќ лежи на тротоарот, веднаш по тепачката. Набрзо пристигнала брза помош и го однела во болница.
Загрепската полиција потврди дека примила пријава во саботата во 12:50 часот дека пред хотел на улицата Кнез Борне се случил конфликт меѓу двајца мажи и дека едниот од нив бил пренесен во болница. Во тек е кривична истрага и се утврдуваат сите околности на инцидентот“, соопшти Полициската управа во Загреб.
Менаџерот на Цеца обвинет за нападот
Мирковиќ потврди дека бил физички нападнат и за нападот го обвини менаџерот на Светлана Ражнатовиќ Цеца, Велибор Поповиќ Поп. Тој рече дека бил нападнат одзади и го окарактеризира потегот како „обид за убиство“.
„Добро сум, во Загреб сум бидејќи вечерва Теа Таировиќ го има својот распродаден солистички концерт“, ја започна Поповиќ својата приказна за Телеграф .
„Ќе ви кажам точно како се случи. Стоев пред хотел во Загреб кога пред влезот застана црн џип со загрепски регистарски таблички. Не обрнав внимание сè додека Саша Мирковиќ не излезе од возилото. Потоа веднаш се упати кон мене и почна да ги навредува моите деца. Потоа избувна тепачка, но тој беше првиот што нападна, што јасно се потврдува со снимките од местото на настанот. Ништо од она што сега се обидува да го изнесе во јавноста не е вистина. Сите обиди да се предизвика сочувство и да се создаде лажна слика за тоа што навистина се случило нема да успеат. Сè е јасно видливо на снимките и нема лаги“, рече тој.
Менаџерот додаде дека освен физичкиот конфликт, ништо друго не се случило и нагласи дека неговата чест и углед му се најважни, како и заштитата на неговото семејство и пријателите.
„Цврсто стојам зад сè што реков, никогаш не сум бегал од одговорност и ни сега не бегам“, заклучи Поповиќ за Телеграф.
Велибор Поповиќ е познат како менаџер на популарните пејачки – Бресквица, Стоја Новаковиќ, Едита Арадиновиќ, ЕмСи Стојан и многу други.
Саша Мирковиќ е основач на „Хајп продакшн“, една од најголемите продуцентски компании на Балканот. Низ годините соработуваше со голем број познати регионални изведувачи, меѓу кои Тоша Проески, Жељко Јоксимовиќ, Здравко Чолиќ, Јелена Карлеуша и групата Магазин. Врвот на неговата кариера во забавната индустрија беше улогата на шеф на српската делегација на Евровизија 2007, кога Марија Шерифовиќ победи со песната „Молитва“.
Во политиката влезе како советник и експерт за политички маркетинг, соработувајќи со имиња како Ивица Дачиќ, Томислав Николиќ и Александар Вучиќ. Тој ги извршувал функциите помошник-министер за транспорт, претседател на градското собрание на родниот Заечар и пратеник во Парламентот.
Врската со Вучиќ се влошила во 2012 година, откако, како што тврди Мирковиќ, Вучиќ му должел повеќе од 460.000 евра. Следеа политички последици, вклучувајќи отстранување од функција, суспендирање на деловните активности и судски прогон. Во 2017 година, тој беше осуден на една година затвор за злоупотреба на службената должност. Тој ја напушти политиката во 2016 година, а во 2019 година беше уапсен во Црна Гора и екстрадиран во Србија.
И покрај правните проблеми, тој остана активен во музичкиот свет. По разделбата со Ацо Лукас и Ана Николиќ, со кои повторно е во добри односи, тој сè уште е присутен на сцената, често преку социјалните мрежи и проекти со регионални ѕвезди.
Реакција на Мирковиќ
Истепаниот Саша Мирковиќ објави на Тикток видео од болницата кадешто беше примен по тепачката пред „Шератон“.
„Излегов од колата и сакав да влезам во хотелот, на метар и пол од хотелот еден човек ме удри одзади. Беше со Бошко Јанковиќ (поранешен српски фудбалер), носеа некои акредитации, ме удри одзади, паднав, а тој продолжи да ме клоца во главата. Ги кренав рацете за да се заштитам. Веќе предупредив дека ќе се обидат да убијат и сега тоа се случи“, вели Мирковиќ во видеото. Тој додаде дека се подготвува за операција бидејќи раката му е скршена на три места.
„Сега го прашувам овој обвинител зошто ја отфрли мојата пријава и не провери ништо. Дали сте задоволни што луѓето се малтретирани вака и се брутално убивани одзади? Или се обидуваат да се убијат? Ова се случи во центарот на Загреб пред хотелот Шератон“, додаде тој и продолжи:
„Се спремам за операција бидејќи раката ми е скршена на три места. Само затоа што си ја штитев главата. Бидете живи и среќни. Сите! И сите деца и сите луѓе на овој свет“, рече Мирковиќ.
Извор: Слободен печат