Во законот за АНБ нема „ни дупка ни врата“ за Онишченко

Ако се почитувал Законот за Агенцијата за национална безбедност, не постоела никаква можност лице од црната листа на САД и лице по кое трага Украина поради перење пари да добие позитивно мислење за добивање на македонско државјанство, како што тоа се случило со контроверзниот Олександр Онишченко.

Според член 8 од Законот, Агенцијата е надлежна да врши безбедносни проверки за лица во постапката за прием во државјанство на РСМ. За таа цел може да врши разговор со лицето за кое се врши проверката, да врши разговор со други лица, да користи податоци од службени евиденции кои ги водат државни органи и институции, да презема мерки за тајно собирање податоци и да врши полиграфско тестирање, со писмена согласност на лицето.

„Црната листа“ на САД е јавен податок објавен од американското министерство за финансии, а АНБ според член 19 во нејзината работа „собира податоци и информации користејќи и отворени – јавни извори“. Имајќи го ова предвид, нејзините евентуални дилеми околу Онишченко би биле лесно решени, односно, за ова прашање не морала да бара помош ни преку соработка со странски безбедносно-разузнавачки служби (член 62). Дури и да постоело одредено „слепило“ во постапките на АНБ, таму постои посебна организациска единица за внатрешната контрола, која има обемни надлежности пропишани во членовите, 52, 53 и 54. Тие се силен филтер против секакви можни девијации, бидејќи ја оценуваат законитоста и почитувањето на професионалните стандарди во работењето на АНБ. Токму затоа, во фактот што Онишченко добил македонско државјанство врз основа на позитивно мислење од четири инстанци – Федерација на коњички

спортови, Македонскиот олимписки комитет, Агенцијата за млади и спорт и Агенцијата за национална безбедност, тежината на скандалозната одлука паѓа на одговорност на АНБ, со оглед дека другите три немаат ни надлежност ни механизми за нужните безбедносни проверки.

Сериозен удар во кредибилитетот на државата

Но, прашањето со Онишченко не е само тема за едно незаконски доделено државјанство, туку скандал со кој РСМ е длабоко посрамотена и пред стратешкиот партнер САД и пред сите партнери во НАТО, со чии служби македонските служби се во поврзан информациски систем за размена на податоци. На ова се осврна и претседателот Стево Пендаровски.

„Тоа е прилично сериозен удар врз кредибилитетот на АНБ, Владата, Претседателот и државата, членка на НАТО“, рече Пендаровски на ТВ 24.

Пендаровски: Или ќе го извлечеме до крај процесот на одговорнос, или нема со исти очи да нѐ гледаат ако не го направиме тоа
Пендаровски: Или ќе го извлечеме до крај процесот на одговорнос, или нема со исти очи да нѐ гледаат ако не го направиме тоаФотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Според него станува збор за „прилично голем и системски пропуст, а не пропуст само на една индивидуа, потенцирајќи дека има четири сектори во АНБ, од кои едниот е за соработка со странски служби.

„Ние мораме да ја извлечеме одговорноста до крај во рамки на овој случај, бидејќи е недозволено државата која има дадено огромен придонес, мислам на САД, од нашата независност до денес, и денес, имаме документ од 2008 потпишан, ова лето го обновивме… Ако човеков се мешал во нивните внатрешни избори и правел работи кои се надвор од законот и затоа го ставиле на листа на санкции, популарно црна листа, со кои очи ние ќе излеземе пред Американците и ќе кажеме – од утре повторно да соработуваме. Или ќе го извлечеме до крај процесот на одговорност по сите овие четири сектори, или ви велам – нас нема со исти очи да нѐ гледаат ако не го направиме тоа“, порача Претседателот.

Прашан дали до него имало реакција од Амбасадата на САД, одговори потврдно.

„Имаше реакција до мене, мислам дека и до Владата имаше, прашуваа како е можно ова да се случи“, рече Пендаровски, потенцирајќи го фактот дека црната листа на САД е јавно достапен податок и не морало ни да се бараат одговори од партнерски институции.

На отчет пред Комисијата

Директорот на АНБ, Виктор Димовски денеска (18.11) пред надлежната собраниска комисијатреба да одговора на сите прашања поврзани со скандалот.

„Улогата на Агенцијата за национална безбедност во безбедносната проверка на лицето Александр Онишченко при давањето на позитивно мислење за добивање македонско државјанство“. Ова е првата точка од дневниот ред на денешната седница на собраниската Комисија за надзор над работата на АНБ и АР.

Членот 60 од Законот за АНБ вели дека „директорот е должен, на барање на надлежнo работно тело на Собранието за надзор на Агенцијата, да дозволи увид во документација, да даде податоци и информации за работата на Агенцијата и да одговора на прашања во врска со работата на Агенцијата“.

– повеќе: УБК замина, АНБ проодува под критики

Виктор Димовски, во меѓувреме беше предложен за амбасадор во Франција, но тој чекор ќе зависи од утврдената одговорност за случајот Онишченко.

„Низ процедурата која ја водат во АНБ, не знам дали и други органи се вклучени како надворешни супервизори, ако се утврди дека тој е одговорен, нема да оди амбасадор. Но, ако се покаже дека некој од луѓето во овие четири сектори е кабает, тој мора да биде сменет и да понесе одговорност“, рече Пендаровски.

Извор: ДВ

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close