Во жесток руски напад тешко оштетено пристаништето во Одеса

Само преку пристаништата во регионот Одеса Украина може да извезува житарки и други прехранбени производи како дел од иницијативата за снабдување со жито

Во напад на руски дрон во текот на ноќта е оштетена дел од инфраструктурата во украинското црноморско пристаниште Одеса, што е клучно за извозот на жито, соопшти украинската војска. Како резултат на ударот, избувнал пожар во пристанишната инфраструктура на Одеса кој брзо бил изгаснат. Се собираат информации за степенот на штетата, објави на Фејсбук Јужната команда на војската.

Армијата не прецизираше дали штетата во пристаништето го загрозува извозот на жито. Само преку пристаништата во регионот Одеса Украина може да извезува житарки и други прехранбени производи како дел од иницијативата за снабдување со жито.

Обединетите нации и Турција посредуваа во Црноморскиот договор за жито во јули минатата година, првично договорен за првите 120 дена, за да помогне во решавањето на глобалната криза со храна, влошена со руската инвазија на Украина, еден од водечките светски извозници на жито.

Договорот, кој беше продолжен овој месец, има за цел да гарантира безбеден извоз на жито и храна од трите украински пристаништа – Одеса, Чорноморск и Пивдени. Украинската војска соопшти дека руските сили користеле беспилотни летала „шахед“ од иранско производство во нападот, но не беа објавени детали.

Русија во раните утрински часови започна бран воздушни напади со беспилотни летала и крстосувачки ракети против различни цели, вклучувајќи го и главниот град Киев. Воената администрација на главниот град соопшти дека одбранбените сили собориле повеќе од 40 цели.

Ова е втора ноќ по ред како Русија го напаѓа главниот град на Украина.

На Денот на градот Киев, Украина собори 58 од 59 лансирани беспилотни летала од иранско производство, објави украинската војска, прогласувајќи го за еден од најголемите напади досега.

Back to top button
Close