Вратени цистерни со мазут – Бектеши не кажува од кои фирми биле

Кога се во прашањата контролите за мазутот, за кој Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави документарец дека во одреден период во земјава биле увезувани токсични нафтени деривати опасни по здравјето и животната средина, кои при увоз влегувале како мазут, министерот Бектеши рече дека контролите се завршени и наредните денови ќе ги соопштат наодите.

„Во моментов заедно со вицепремиерот Љупчо Николовски ги собираме сите податоци за дистрибуција на сомнителниот мазут, крајниот рок кој го дадовме е следниот вторник кога очекуваме дека ќе ги имаме сите информации за евентуалните злоупотреби на увоз на опасен мазут во нашата земја. За податоците ќе ја информираме јавноста, но ако не се реализирани сите процедури согласно правилникот за квалитет на течни горива и процедурите за увоз на нафтени деривати, документите, како што најавив, ќе ги предадеме на јавното обвинителство“,

рече Бектеши потсетувајќи дека обврски за овие контроли добиле Царинската управа, ДПИ, Министерството за економија и Инспекторатот за животна средина.

Мобилната лабораторија што ја има Бирото за метрологија не се користи за контролите за мазутот, туку испитувањата се прават во две други акредитирани лаборатории сопственост на приватни фирми. Министерот соопшти дека веќе се вратени неколку цистерни со мазут, констатирани се нерегуларности и во внатрешноста на државата, но не сакаше да ги открие имињата на фирмите.

„Само треба да имаме предвид и да ги поделиме работите дека мазутот се контролира во други акредитирани лаборатории. Тие контроли се завршени во ДПИ, посебно со доаѓањето на новата директорка, веќе се вратени неколку цистерни. Јас не би сакал да навлегувам во имиња на компании од кои се врати цистерни. И во внатрешноста на државата се констатирани нерегуларности и е постапено од ДПИ“,

изјави Бектеши кој рече дека не сака сега да зборува за имиња на фирми за да не им го наруши угледот

Back to top button
Close