„Вреди“ го осуди сквернавењето на државното знаме нарекувајќи го чинот срамен и неприфатлив
Секој што ќе се обиде да ги наруши меѓуетничките односи со покажување непочит кон другиот, особено со палење на државно знаме, посочуваат од владејачката коалиција „Вреди“, ќе мора да биде повикан на одговорност
Сквернавењето на државното знаме на синоќешната прослава на Денот на независноста на Албанија во центарот на Скопје денеска го осудија и од владејачката коалиција „Вреди“, нарекувајќи го чинот срамен и неприфатлив. Од „Вреди“ оценија дека масовната прослава на 28 ноември, проследена со празнична атмосфера, песна и оро низ целата држава, не им одговарала и ги поттикнала дестабилизаторите.
„Очигледно оваа празнична атмосфера не им одговараше на оние на кои им се наруши комфорот на фотелјите на власта. На крајот на денот се појавија овие кругови кои сакаат да ја дестабилизираат државата. Не затоа што ја сакаат државата, туку затоа што им недостига власта“коментираат од „Вреди“.
Владејачката коалиција повика на разумност и меѓусебно почитување и додаде дека подгревањето на меѓуетничките односи со палењето на државното знаме не му служи никому, особено не на оние кои го поттикнуваат.
Бараме одговорност и апелираме до сите граѓани да покажат разумност и решителност да не станат плен на злонамерни провокации. Не дозволувајте да бидете жртва на никого, а уште помалку од оние кои не ги слушнале или виделе вашите маки. Веруваме во високата свест на нашите граѓани кои ќе бидат будни и нема да бидат инструментализирани од оние кои по губењето на власта го изгубија патот во сопствениот двор“додаваат од „Вреди“.
Секој што ќе се обиде да ги наруши меѓуетничките односи со покажување непочит кон другиот, особено со палење на државно знаме, посочуваат од „Вреди“, ќе мора да биде повикан на одговорност.
За сквернавењето на националното знаме нансиноќешната прослава на Денот на албанското знаме во центарот на Скопје претходно реагираа и од опозициската ДУИ, оценувајќи оти инцидентот бил реакција на несоодветна полициска интервенција за време на настанот