Врховниот суд на Шпанија се изјасни против помилување на каталонските сепаратисти
Врховниот суд на Шпанија денеска соопшти дека е против помилувањето на каталонските сепаратисти, кои се осудени за неуспешниот обид за независност од 2017 година, мерка што се разгледува од левичарската влада во земјата, јавуваат француските медиуми.
Судот во денешното соопштение порачува дека е „против давање каква било форма на помилување, целосно или делумно“ за 12-те каталонски сепаратисти прогласени за виновни за нивната улога во нелегалниот референдум и краткотрајното прогласување на независноста на Каталонија.
Врховниот суд во октомври 2019 година осуди девет од нив – седуммина високо позицонирани политичари и двајца лидери на граѓанско движење – на затворска казна од девет до 13 години, додека други тројца беа казнети со парична казна.
Судот соопшти дека го почитувал „принципот на пропорционалност“ при изрекувањето на пресудата и дека не видел „докази или знаци на каење“ од затворениците за да се оправда ваквото помилување.
Соопштението на Врховниот суд доаѓа во време кога владата на премиерот Педро Санчез се подготвува да ги помилува сепаратистите како начин за напредување во преговорите за каталонската сепаратистичка криза.
Коалициската малцинска влада на Санчез во шпанскиот Парламент делумно се потпира на поддршката на сепаратистичката партија РКЕ, во замена за разговори за каталонското прашање.
-Има време за казна и време за хармонија. Оваа влада ќе одлучи според тоа што го поттикнува соживотот меѓу Шпанците, рече Санчез пред парламентот, непосредно пред судот да го соопшти својот став.
Неговата изјава, меѓутоа, предизвика бесен одговор од десничарскиот опозициски лидер Пабло Касадо, кој кажа дека Санчез „отишол предалеку“ во обидот да ги помилува „оние што го прекршија законот и ја нарушија хармонијата и соживотот во Шпанија“.
Каталонија е доминантна тема во шпанската политика откако забранетиот референдум за независност во октомври 2017 година ја предизвика најтешката политичка криза во земјата во последните неколку децении.
Одлуката на Врховниот суд да им изрече остри казни на деветте сепаратистички водачи во 2019 година, предизвика бран масовни протести во Барселона и другите каталонски градови, кои понекогаш беа придружени со насилство.