Вучиќ по средбата со О’Брајан: За Косово и Сребреница имаме различни позиции, но се сложивме дека е важно да се формира Заедница на српските општини

Главна тема на состанокот беше како да бидеме добри партнери, порача помошникот секретар на Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот Џејмс О’Брајан, по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ. Сакаме да продолжиме да бидеме добри партнери како што со години се САД и Србија, кажа тој на прес-конференцијата во Белград.

О’Брајан изјави дека една од темите била претсојаната посета на Вучиќ на Њујорк во Обединетите Нации, а дел од темите за кои разговарале се прашањето за Косово и за Резолуцијата за Сребреница.

„Косово вети дека ќе ја спроведе обврската за формирање на ЗСО и тоа е од клучно значење за Србите. Ако постои загриженост дека меѓународната заедница не ги исполнува своите обврски, се надевам дека ќе работиме на исполнување на ветувањето и ќе помогнеме,“рече О’Брајан.

За гласањето на Резолуцијата за Сребреница, тој рече дека бил дел од тимот што ги истражувал убиствата.

„Направено е злосторство и многу сторители беа истражени и осудени. Во тоа време владата на Србија ни ја гарантираше безбедноста, а со нас беа и претставниците на ОН додека ја баравме вистината. Тоа го правиме и денес и мораме да се соочиме со вистината. Тогаш бевме партнери и сега треба да бидеме,“изјави американскиот дипломат.

Вучиќ порача дека расте билатералната соработка со САД, особено економската, затоа што има многу американски инвестиции во земјата, потенцирајќи дека планот за раст и напредокот на европскиот пат е клучен за Србија.

Што се однесува до другите политички прашања, Вучиќ и О’Брајан единствено се согласиле дека треба да има мир и стабилност.

„Ветив дека Србија ќе се однесува одговорно и сериозно и кажав дека лажат сите оние кои зборуваат за војна и инвазија. Не ни паѓа на памет да учествуваме во такви работи. Имаме одлична соработка со КФОР, но тешко е да се одговори на сите секојдневни лаги. Во се друго имаме различни ставови, кога се во прашање Косово и Сребреница,“рече Вучиќ.

Тој порача дека му е благодарен на О’Брајан за неговиот јасен став дека е исклучително важно Приштина да ја исполни својата обврска за формирање на ЗСО, но дека станува збор за „мртва буква на хартија“.

„Сите нè лажат – и Приштина и Европејците. Можно е и никој да не не лаже, можеби јас сум глупав и не разбирам, но по 4 000 дена не направија ништо за Србите кои исполнија се од Бриселскиот договор, дури и одредени работи од Охридскиот договор,“потенцира Вучиќ.

Знам дека сме мали, дека Америка е велесила, но ќе се спротивставиме на насилството врз српската држава и народ колку што можеме и ќе се бориме, додаде Вучиќ на прес-конференцијата.

Во однос на Резолуцијата за Сребреница, Вучиќ кажа дека е посебно загрижен дека тоа ќе ги поремети односите во регионот.

„Тоа беше донесено како одлука на еден народ против друг во рамките на БиХ, тоа прашање беше противправно префрлено од Советот за безбедност во Генералното собрание на ОН“додаде Вучиќ.

Back to top button
Close