Вучиќ: Саемот Винска Визија Отворен Балкан фантастична манифестација, доаѓа Ковачевски, Рама, министри за надворешни работи на Унгарија, Турција


Од 1 до 4 септември Белград ќе биде европска престолнина на виното „Open Balkans Wine Vision” организирана од владите на Србија, Северна Македонија и Албанија во рамките на иницијативата Отворен Балкан, кој ќе ги собере најдобрите производители на вино и храна во регионот.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, претседателот Александар Вучиќ во денешното обраќање на јавноста кажа дека тој ќе биде голема и фантастична манифестација, на кој ќе дојдат и македонскиот и албанскиот премиер, Димитар Ковачевски и Еди Рама, како и министрите за надворешни работи на Турција и Унгарија.

-Пред нас се големи денови и имаме голема сесија на Отворен Балкан и фантастичната манифестација Вински саем и саемот на храна (Open Balkans Wine Vision). Ќе дојде и премиерот Димитар Ковачевски и Еди Рама и министриите за надворешни работи на Турција и Унгарија, од 1 септември овде и тоа ќе биде фантастична манифестација, промоција на Отворен Балкан и на Србија, на Белград и на Скопје и на Тирана, на нашето зедништво, неможам да кажам на нашето единство, но на нашето заедништво, на зедничкиот пристап на погледот во иднината и се друго, кажа Вучиќ.

Премеирот Ковачевски вчера соопшти дека на претстојниот Саем за вино и храна „Отворен Балкан”, ќе учествуваат 42 македонски визби и три дестилерии, а претставени ќе бидат 300 различни вина.

– Учеството на овој Саем за домашната економија значи поголем извоз, откуп и обезбедување нови пазари за македонското вино. На манифестацијата чии кооорганизатори и кодомаќини сме и ние, ќе има купувачи од ЕУ, САД, Кина и други земји од Истокот, рече премиерот.

Според него, Саемот ќе биде можност да се поврзат винските патишта на Балканот, да се соберат најдобрите винарии и да се разговара за развој на потенцијалот на винската индустрија, како и за можноста за учество на светските пазари.

Како што соопшти денес РТС, ексклузивно имаше можност да види како течат последните подготовки за оваа манифестација што ќе се одржи на Белградски саем.

-На Белградскиот саем каде за неколку дена ќе се вкрстат винските патишта на Балканот се прават конечни подготовки. Хала 1 изгледа како виноград во затворено со винарии од Србија, Северна Македонија и Албанија. Досега се закажани повеќе од 220 директни средби на деловни луѓе од целиот свет, за кои е резервирана целата Хала 3, емитуваше РТС во видео прилогот.

-Она што го видовме, што се покажа во последните години е дека научивме да правиме доста добро вино. Ајде сега да се обидеме да пробаме да научиме да правиме и добар бизнис од виното, да покажеме дека ова е регион не е регион само на проблеми, дека не е регион што создава проблеми, туку регион што создава решенија, што создава нови можности, пред се нови деловни можности за своите граѓани, изјави Марко Чадеж, претседател на Стопанската комора на Србија (ПКС).

Во Хала 4 има вистинска винарија. Посетителите ќе можат да видат како се прави денес виното, но и како се правело во минатото. Бидејќи доброто вино оди добро со вкусната храна, веднаш покрај, во Хала 5, најеминентните шефови на кујни ќе ја демонстрираат уметноста на правење автентични јадења од локални состојки во текот на денот. Меѓу нив е и специјален гостин изненадување.

-Ние сакаме да покажеме што било во минатото, каква е нашата сегашност и каква ќе биде иднината. Можам да ви кажам дека пред два дена имав пријатели, гости од Франција, кои ми рекоа дека ова за нив е најубав саем, изјави Стеван Рајта, директор на Здружението на винари и лозари на Србија.

Тој наведе дека се работи за многу голем проект за кој се потребни многу финансиски средства и дека без помош од државата не би можеле да го направат.

-ПКС организираше и го покани Фалстаф, кој е еден од најголемите списанија за промоција на вино во Европа и светот. Тука е и Декантер. Тоа се одлични познавачи на виното кои ќе ги запознаат нашите компании и ќе имаат можност, некои можеби за прв пат, да видат некои нови сорти што се направени овде, и на тој начин да може да завршат на полиците и во рестораните во големите градови низ светот. Тоа е она што сакаме да го правиме заедно и можеме да го направиме тоа заедно, изјави Чадеж.

Back to top button
Close