За Димитриевски е прифатлива идејата на Мицкоски за национално единство, Апасиев порача дека не им верува на дпмнејците

Можно е национално единство, оценува претседателскиот кандидат на ЗНАМ и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, откако вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, објави мораториум на нападите врз Левица и ЗНАМ и повика на обединување.

Како што рече Мицкоски вчера на централниот митинг во Охрид, тој чувствувал дека македонскиот народ имал потреба за национално единство и најави дека оваа негова идеја ќе се обидел да ја реализира „во моменти кога таа ѝ е најпотребна на Македонија“. Со Левица и ЗНАМ имаме свои разлики по повеќе прашања, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, „но ценам дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираме на оние што ја киднапираа Македонија од рацете на граѓаните“.

„Мене искрено ме импонира што не само во овој случај, туку во голем број случаи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нè копира во некои постапки. Излеговме како партија и рековме дека нема да преговараме со никој додека не се понуди една национална платформа. Не можете да постигнете поголем ефект во имплементација на мултиетничко движење ако немате национално единство. Тоа може да се стори. Без ЗНАМ нема идна влада. Ние не напаѓаме, ние само конструктивно дискутираме“,
изјави денеска Димитриевски во своето гостување на радио Лидер.
Тој истакна дека ЗНАМ е нова политичка партија која е конструктивна опозиција во однос на централната власт.

„На локално ниво имплементираме власт, таму немаме официјално потпишано коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но дефинитивно има соработка. Имаме соработка со ВМРО-ДПМНЕ и со албанската опозиција“,рече Димитриевски.

Лидерот на Левица, пак, Димитар Апасиев, по повикот на Мицкоски за единство, на Фејсбук порача:

„Не верувај им на дпмнејците, дури и кога ти носат подароци. Термометарот на жестокоста во критиката не смее да се спушти ниту за степен!“

 

Back to top button
Close