За договорот со Србија, Курти им се заблагодари на Борел, Лајчак и Ескобар

За договорот за личните карти со Србија, косовскиот премиер Албин Курти во својата објава на фејсбук им се заблагодари на сите за поддршката и трпението и истакна дека реципроцитетот кој е постигнат е во духот на принципиелните разговори што се водеа во Брисел
Нормализацијата на односите мора да вклучува реципроцитет, што подразбира добрососедски односи, напиша на својот фејсбук-профил косовскиот премиер Албин Курти, по повод постигнатиот договор за личните документи меѓу Србија и Косово.

„Граѓаните на Република Косово, со документи за идентификација издадени од нашите земји, ќе можат да ја минуваат границата со Србија на сите гранични премини без пречки, дополнителни оптоварувања и задржувања“,

пишува Курти и додаде дека истото ќе важи и за оние кои доаѓаат од спротивната насока, при влез во Косово со документи за идентификација издадени од властите во Србија.
Курти во својата објава им се заблагодари на сите за поддршката и трпението и истакна дека реципроцитетот е во духот на принципиелните разговори што се водеа во Брисел.

Тој додаде дека им е благодарен на, како што ги нарече, посредниците, притоа мислејќи на комесарот за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, претставник на ЕУ за дијалог Косово-Србија, Мирослав Лајчак и претставникот на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, а особено до американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, за нивниот придонес.

Back to top button
Close