За дома – марихуана, за извоз – сушен цвет од канабис
Обединетите нации ја прифатија медицинската вредност на канабисот. Премиерот Заев го истакнува економскиот бенефит, а невладините организации велат дека е дојдено време да се признае лековитата моќ на канабисот, пишува Дојче веле.
„Да профитираме од извоз на сушен цвет од канабис, а дома да ја легализираме марихуаната“, порача премиерот Зоран Заев, чии проценки се дека идната година би можеле да се заработат околу 250 милиони евра од производство на канабис за медицинска употреба, додека ако се легализира за развој на туризмот и угостителството – би можеле да се слеат уште стотици милиони евра во буџетот. Ваквите размислувања Заев ги сподели со јавноста само еден ден откако Агенција на ОН ги отстрани канабисот и неговата смола од категоријата најопасни наркотици.
„Ако успее парламентот до крајот на годината да го донесе законот за измени и дополнување на Законот за опојните дроги и даде можност во делот на медицинскиот канабис да се извезува, покрај естрахирано масло и сушен цвет, проценката за 2021 година е 250 милиони евра од производство за медицински употреби, исклучително за извоз“, изјави премиерот Зоран Заев. Според него, покрај извозот на сушен цвет, државата може да ја легализира марихуаната за развој на туризмот и угостителството и така во буџетот да се слеваат уште стотици милиони евра.
„Отворена е можност да дебатираме сите во државата, не брзаме никаде, цела 2021 година е пред нас, очекувам нашиот народ да оформи став за ова прашање исто како и сите институции, парламентот, Владата, опозицијата, сите заедно да разговараме дали мислиме дека ставањето во употреба на канабисот за рекреативни цели, за нешто што вчера видовме дека и Светската здравствена организација го пушти во светот, што покажува дека сме неколку чекори понапред, дури и од СЗО. Во тој поглед може да го искористиме како акцелератор за развој на оние дејности што не ни се доволно развиени, а тоа се, пред сè, туризмот, угостителството и услужните дејности во државата“, вели Заев. Во моментот има 50 лиценци од државата издадени за производство на канабис.
Во интервју за ДВ, Заев неодамна во детали ги образложуваше своите идеи за комерцијална продажба на марихуаната.
Помалку строг режим на контрола
Комисијата на Обединетите нации за опојни дроги одлучи од категоријата најопасни наркотици да ги отстрани канабисот и смолата на канабисот која се користи за производство на хашиш. Одлуката на Комисијата со седиште во Виена би можела да влијае на глобалната индустрија на медицинска марихуана. Канабисот ќе остане во категоријата дроги кои се под помалку строг режим на контрола, бидејќи гласањето на членките на ОН не овозможува легализирање на марихуаната во рамки на меѓународниот систем на контрола на наркотиците.
Врз основа на Конвенцијата од 1961 година, меѓународниот договор за забрана на производство и снабдување со одредени дроги, канабисот и смолата на канабисот досега беа во Четвртата категорија, заедно со хероинот и други опијати. За отстранување на канабисот и смолата на канабисот од Четвртата категорија според Единствената конвенција за опојни дроги гласаа 27 члена на Комисијата, 25 беа против, а еден воздржан. Тие постапија по препорака на Светската здравствена организација (СЗО). Канада и Уругвај се единствените две држави во светот кои ги легализираа и продажбата и користењето на канабисот во рекреативни цели, додека многу земји низ светот го декриминализираа поседувањето марихуана.
Лековитата моќ на канабисот
Обединетите нации на предлог на СЗО ја препознаа медицинската вредност на канабисот. Со историското гласање, канабисот е повлечен од листа 4 – листа на супстанции со мали или без терапевтски бенефиции, велат од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Тие ја поздравуваат одлуката и смета дека таа ќе придонесе за подобрување на здравјето на многу луѓе, а вооедно ќе овозможи и значајно забрзување на сите клинички испитувања за лековитата моќ на канабисот.
„Сакаме да потенцираме дека оваа историска одлука можеше да биде уште поголема ако ОН изгласаа и повлекување на канабисот од листата 1 – листа на строго контролирани супстанци. За жал овој пат тоа не се случи, па канабисот и понатаму се класифицира како супстанца со висок ризик на зависност и останува во рамките на истите строги меѓународни норми за контрола кои важат и за хероинот. Сепак процесот на менување на меѓународните закони е започнат и прашање на време е кога големите промени ќе се случат“, велат тие. Ваквата одлука на ОН ќе треба да се инкорпорира и во македонското законодавство.
Одгледувачите на канабис бараат законски измени
Здружението на одгледувачи на медицински канабис „Макканабис“, бара што побрзо да се изгласаат измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции. Тие апелираат до опозицијата да не го блокира овој процес затоа што сметаат дека последиците би биле многу големи.
„Законот беше донесен во 2016 година во време кога сегашната опозиција беше на власт. Апелираме за брза реакција и изгласување на измените на Законот, за да ги спречиме непоправливите последици кои ќе настанат доколку не се дозволи извозот на цвет, а со тоа и овозможување на егзистенција на сите лиценцирани субјекти и нивните вработени“, се вели во соопштението. Според нив, има две алтернативи: или промена на законот, заземање на водечка позиција на пазарот со канабис и придонес за развојот на македонската економија или постепено одумирање на канабис индустријата.
Пендаровски со резерви за комерцијална продажба
Претседателот на државата Стево Пендаровски, неодамна, во интервју за Дојче веле рече дека поддржува декриминализација на марихуаната, но има задршки кон можноста за нејзина комерцијална продажба.
„Во првиот случај мој став е дека треба да се декриминализира марихуаната затоа што децении наназад ние се фокусиравме со ист интензитет на казнување и на оние кои ја користат дрогата за лични потреби и на оние кои ја дистрибуираат“, рече Пендаровски, дополнувајќи дека се доцни и со заокружување на легислативата за производство и дистрибуција на маслото од канабис за медицински цели.
„Меѓутоа, имам лична резерва кон создавањето на законски претпоставки за комерцијална продажба на марихуаната и сметам дека, прво, одлуката не треба да се носи брзо и второ, дека таа дебата треба да се води во стручните, а не во политичките кругови. При тоа, најбитно е во анализите да не биде калкулиран само економскиот профит, туку и евентуалните последици по здравјето на младите, како и можноста на тој начин да ја отвориме вратата за полесен влез на меѓународните нарко-картели во нашата земја”, рече Пендаровски.