За преносот преку аеросоли

Одамна не сум пишал долг текст, не е лошо да прочитате до крај.
Кога вирусот САРС-КоВ-2 започна да се шири по светот, сите беа насочени кон големите капки кои беа посочени како главен пат за ширење на пандемијата. Ова беше грешка која СЗО, но и останатите светски здравствени агенции (кој порано кој покасно), во текот на пандемијата ја поправија откако добија доволно информации.
Малите капки – аеросолите и преносот преку воздух, во Македонија добија мало внимание (читај скоро ич) од нашите власти, иако ги потврдија како еден од главните виновници за ширење на заразата во затворен простор. Немаше некаква посебна галама околу ова, немаше новинарски конференции, пресови и ретко кој доктор покрај мене се осврна на овој горчлив проблем. Немаше никакви промени во протоколите, што ги остави луѓето сконцентрирани на заштита од големите респираторни капки. Нешто се нафрлаше дека треба да се отворат прозорци и толку, никако некој да напомене каква вентилација, филтрација и тн, се потребни за заштита од аеросолите.
Ако важноста за пренесот преку аеросоли беше прифатена порано (како што барав уште од ланската зима), од почеток ќе ни беше речено дека е многу побезбедно на отворено, каде што овие мали честички се распрснуваат полесно, се додека избегнувате близок, пролонгиран контакт со другите. Ќе се обидевме да осигураме дека внатрешните простории се добро проветрени, со филтриран воздух колку што е потребно.
Наместо прецизни правила за собири, ќе бевме насочени кон условите кои можат да создадат супер ширечки настани: групирање на луѓе во слабо проветрени затворени простории, особено ако со текот на времето се занимаваат со активности што го зголемуваат производството на аеросоли, како што се викање и пеење. Сите ќе започнеа побрзо да користат маски, а исто така ќе посветавме многу повеќе внимание и на нивната соодветност кон условите. Ќе бевме помалку опседнати со чистење на површини, а нашите напори ќе беа многу поефикасни, поштедувајќи не од многу смртни случаи, заболени со последици и лоша економија во земјата.
Интересно е што секогаш покрај сите препораки за маските, држење дистанца и перење на рацете, скоро секогаш се потенцираше – ОСТАНЕТЕ ИНФОРМИРАНИ. Информацијата за аеросолите не допре до народот, бидејќи немаше разбирање со властите за ова круцијално прашање во однос на сузбивање на пандемијата.
Огромното мнозинство на заразување е во затворен простор, кој надминува опсег од 2м или дури и повеќе.
Бидејќи пандемијата е далеку од завршена, со земји како Индија, Бразил исл, кои се соочуваат со разорни бранови, морам ова колку и да звучи досадно да го повторувам, со надеж дека некој конечно ќе се свести и послуша професионалци.
Не, не е само СЗО и нашиве локал аматери. Дури во петокот американците, односно Центрите за контрола и превенција на болести ги ажурираа своите упатства за Ковид-19, јасно укажувајќи дека вдишувањето на овие помали честички е клучен начин на пренесување на вирусот, дури и во непосредна близина, и го поставија на врвот на листата – како се шири вирусот.
Лично до сега немам еден случај кој сум лекувал или советувал, кој соопштил дека се заразил надвор на отворено. Во светот постојат бројни истражувања кои потврдуваат дека трансмисијата на отворено учествува максимум со 0,1% случаи на Ковид-19 (последно потврдено од Ирска).
Постојат многу примери колку пари и време се потрошени на тотално неефикасни решенија за справување со вирусот, кои доколку се пренасочеја кон она кое навистина е решение, ќе спасеа многу животи. Ништо не се зема за пример од минатите лекции, иако често повикував на поглед наназад во историјата.
Погрешно апострофирање или толкување на механизмите за трансмисија на некоја болест, може да доведе до мерки кои не само што се неефикасни, туку и ги влошуваат работите. Така во текот на 19 век, плашејќи се од мијазма, енглезите работеле напорно за да ги насочат своите смрдливи канализации во блиската река Темза, во суштина ширејќи ја колерата уште повеќе.
Јасните докази не успеваат да ја променат традицијата лесно или да ги надмине вкоренетите чувства и его на одговорните (во случајов комисијата за заразни болести, советот за БЗР и министерот за здравство). Џон Сноу, честопати споменуван како прв научник епидемиолог, укажал дека контаминиран бунар за вода е одговорен за епидемијата на колера во Лондон 1854 година, преку затворање на истиот и документирање како паѓаат случаите откако е исклучен од употреба. Многу други научници и официјални лица не верувале во неговите тврдења следните12 години, кога врската со изворот на вода повторно се појави и било потешко да се негира.
Слично на тоа, кога унгарскиот лекар Игназ Семелваис ја сфати важноста на миењето раце за да ги заштити пациентите, тој ја изгуби работата и беше осуден од колегите кои не веруваа и негодуваа за неговата огромна импликација дека им штетат на своите пациенти (иако тие беа всушност кривците). Овие лекари продолжија да ги убиваат своите пациенти преку вкрстена контаминација со децении, и покрај јасните докази кои покажуваат како стапката на смртност опаднала во неколку оддели каде бабиците и д-р Семелвајс успеале да воведат рутинска хигиена на рацете.
Денес сите мои тврдења и препораки ги препознава Европа и светот, не дека сум јас најпаметниот, сите бараат информации како да ја подобрат состојбата на терен.
Кај нас се уште се крстат во “светото тројство”, избегнувајќи секаква дискусија, особено откако најавија вакцини во Македонија и некаков колективен имунитет.
Имунитетот нема потерба да го бараме на крајот на летото, тој ќе биде постигнат колективно и пред почетокот на истото. Ќе не заглават уште некое време горе доле до 15ти Јуни поради велигденските празници и рамазанските вечери, но тоа е тоа. Овој имунитет ќе потрае до кај септември октомври, а потоа повторно нови трагедии.
Спас има, решенија постојат, не треба да измислиме топла вода. Но, за да бидат реални и применливи, ќе треба да искочат од ТИМ на професионалци, не на егоисти и аматери.
Илчо Ефкоски

Back to top button
Close