ЗА СРЕЌА, СМРДИ

Нека не ни продаваат басма дека граѓаните ги гласале затоа што сакаат да имаат повеќе министри

Те гласале половина милион граѓани и првата работа што ќе ја направиш кога ќе дојдеш на власт е да направиш четири нови министерства.  Првата работа за којашто се фати новото парламентарно мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ е промена на Законот за организација и работа на органите на државната управа. Искрено да ви кажам, кога ќе ќе ја слушнам фразата „органи на државната управа“ првото нешто што ми паѓа на памет е зборот „пауза“, пораката: „дојдете друг пат, колешката/колегата не е тука, не знам кога ќе се врати“, оправданието „системот не работи“ и најмачната дилема за решавање овој период од годината кога треба да се доискористи ланскиот одмор: „на првиот, или на вториот крак на Халкидики?“.

Мандатарот за состав на нова Влада Христијан Мицкоски предложи измени на законот, со кои наместо досегашните 16, Владата ќе има 20 министерства и наместо досегашните 20 министри, кој со ресор, кој без ресор, неговата Влада заедно со него ќе брои 24 министри. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара од сите пратеници „во име на реформите“ да ги поддржат овие измени, повикувајќи се на огромната поддршка што коалицијата „Твоја Македонија“ ја доби на изборите.

Образложувајќи ја потребата од нови министерства, тој рече дека станува збор за „преспитување и рационализација со можнот за спојување или укинување на одредени државни органи“. Значи, професорот објасни математички прецизно, како и секогаш кога објаснувал нешто и особено кога искажувал став.

Во неговата математика минус и минус даваат плус, па така и зборот рационализација значи повеќе. Повеќе гласови на избори, повеќе министерства. Поголема партија на власт, повеќе членови за задоволување на нивните потреби. Повеќе министерства, повеќе заменици-министри, повеќе кабинети, повеќе советници, повеќе соработници, повеќе коли, повеќе дневници…

Додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција секогаш се бунеше и обвинуваше за злоупотреба кога СДСМ и ДУИ во Собранието носеа закони по скратена постапка. Арно ама, сега на ВМР0-ДПМНЕ и Коалицијата „Вреди“ сите постапки им се битни, па мора и законите да се итни. Не се делат само министерските места. Над 3.000 државни институции се во прашање. Па брзаат во налет законски да ги обезбедат местата за кои се договорени, за од утре „сѐ да биде по закон, шефе“.

Впрочем, си имаат мнозинство во Собранието, можат да прават што сакаат. Само нека не ни продаваат басма дека граѓаните ги гласале затоа што сакаат да имаат повеќе министри.

Целата колумна на Горан Михајковски на СДК МК

Back to top button
Close