Заев- го добив тестот, негативен е

Премиерот Зоран Заев добил негативен резултат на тестот за ковид-19, кој најави дека ќе го направи откако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски објави дека е заразен со коронавирусот.

„Денеска го добив резултатот од тестот за ковид-19 и тој е негативен. Многу е важно сите до еден да го чуваме сопственото здравје и здравјето на сите други околу нас. Со целосно почитување на мерките и препораките секој од нас може да даде придонес за јавното здравје. Да носиме заштитни маски, да држиме физичка дистанца, да ги избегнуваме големите групни настани и на тој начин заеднички ќе ја добиеме битката со ковид-19“,вели Заев.

Тој беше во контакт со Спасовски во два наврати пред министерот да добие позитивен резултат на тестот. Заедно вчера беа на настан по повод Денот на Обединетите нации и 75-годишнината од потпишувањето на Повелбата на ОН, како и во иста просторија на дигиталниот Конгрес на СДСМ во неделата.

Дали некој од контактите на Спасовски во МВР или од СДСМ ќе оди во изолација, засега нема информации. Од МВР денеска изјави дека во тек се епидемиолошките анкети и нагласија дека сите негови контакти биле со почитување на мерките. Исто така и од СДСМ рекоа дека за време на партискиот конгрес ги почитувале сите мерки, но ако здравствените власти одлучат некој да оди во изолација, дополнително ќе ја информираат јавноста.

Back to top button
Close