Заев и Николоски во суд: Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека премиерот лаже

Зоран Заев и Александар Николоски денеска повторно се соочија во Основниот граѓански суд на рочиштето за тужбата за клевета која ја поднесе премиерот против потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ поради изјава во која вели дека во Македонија се изрекетирани над 20 милиони евра и оти сето тоа е координирано лично од Заев.

Денеска беше главната расправа и распитот, по што Николоски изјави дека во судницата Заев лажел кога одговарал на неговите прашања.

-Од главната расправа и распитот кој го имавме денеска за прашањата кои му ги поставив на Заев јавноста може да дознае неколку работи. Прво, Зоран Заев лажеше во судот што е кривично дело затоа што кажа дека не знаел дека целокупниот врв на СДСМ, имале средби со Боки-13. Сите тие имале средба ама Зоран Заев не знаел. Втората лага која ја кажа е дека ние денеска разбравме оти посетите на домот на Боки-13 и оние снимки кои ги видовме всушност биле дел од активностите ’од врата на врата‘ на партијата СДСМ. Како што одговори Заев имале редовни активности за посета на гласачи, членови и симпатизери на СДСМ и така одејќи од вратата на врата, и Шекеринска, и Кирацовски, и Филипче, и Богоев и другите, отишле на врата на Бојан Јовановски, а тој бил доволно гостопримлив па ги поканил на кафе, изјави Николовски пред новинарите.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека премиерот рекол дека врвот на СДСМ не рекетирал бизнисмени туку бил во акција на промоција и стимулација на инвестиции. Логично прашање е, рече Николоски, како стимулирале инвестиции во корист на само еден човек.

-Жал ми е што судот не дозволи Заев да одговори дали тој како политичар или бизнисмен, би дал едно евро на сомнителен лик како Бојан Јовановски доколку зад тоа не стои политички притисок, рекет и изнуда. За жал судот не дозволи да го поставам ова прашање зашто одговорот е јасен на сите, рече Николоски.

Тој тврди дека Заев потврдил оти немало записник дека го пријавил случајот „Рекет“. На оваа околност, пак, премиерот досега неколкупати во јавноста имаше изјави дека тој го информирал обвинителство од каде му било кажано бизнисменот Орце Камчев сам да го пријави случајот.

повеќе

Back to top button
Close