Заев: Пред пет години 610.000 граѓани гласаа за историскиот Договор од Преспа

30 септември 2018 година е важен ден во современиот развој на Северна Македонија. Тоа е денот кога македонските граѓани од сите етникуми во огромен број излегоа да дадат поддршка на историскиот Договор од Преспа, со цел земјата да ни стане членка на НАТО и ЕУ и со цел да создадеме трајно пријателство со нашиот сосед Грција.

610.000 граѓани гласаа ЗА на референдумот и ја поддржаа каузата “Излези ЗА европска Македонија” што е најголемата поддршка дадена при непосредно гласање после независноста. Бројот на гласови ЗА е поголем од бројот на гласови на сите победници на сите избори во историјата на државата.

Иако опозицијата го бојкотираше референдумот, граѓаните од мнозинскиот демократски блок излеговме масовно, гласавме и потоа заедно со нашите сојузници успеавме да ја внесеме земјата во НАТО, а денес веќе сме во почетната фаза од преговорите со ЕУ. Во меѓувреме, односите со Грција доживеа историски пресврт и денес на наша страна имаме уште еден сосед, силен сојузник од редовите на ЕУ и НАТО.

Пет години после референдумот за нашиот историски исчекор напред, исправени сме пред нови комплексни предизвици. Нашата влада успеа да најде компромисно решение со Бугарија претставено во европскиот предлог и во нашата преговарачка рамка, а дел од тоа решение содржи и наши обврски за кои е неопходен натпартиски мнозински договор.

И кога веќе сите партии демонстрираат одлучност за членство на Северна Македонија во ЕУ, време е за нов македонски успех. Во тоа име повикувам на одговорност и на постапки со кои ќе ги обезбедиме сите услови и ќе го искористиме поволниот геополитички момент за наше членство во Унијата најдоцна до 2030 година.

Зоран Заев

Back to top button
Close