Заев со видеоспот им даде поддршка на Ковачевски и Пендаровски: Гласаме сите за европска иднина

Мојот СДСМ, ностителите и кандидатите на листите за пратеници, а секако и претседателот Пендаровски ја заслужуваат сета моја, но и сета ваша поддршка.

Екслидерот на СДСМ, Зоран Заев и неговиот наследник на функцијата и актуелен партиски шеф, Димитар Ковачевски / Фото: Принтскрин

Видеообраќањето во кое Заев им ја дава својата целосна поддршка на Ковачевски и Пендаровски доаѓа во екот на кампањата за првиот круг на претседателските избори и на неколку дена пред почетокот на кампањата за парламентарните избори.

Спотот со обраќањето на Заев условно кажано концепциски е поделен на два дела. Во првиот, низ звуците на композицијата Conquest of Paradise („Освојување на рајот“) на славниот грчки композитор Вангелис создадена за истоимениот филм од 1992, Заев говори за успесите што владата предводена од СДСМ ги постигнала во изминатите седум години владењее.

Нормализирањето на односите со соседите, членството на земјата во НАТО, враќањето на Северна Македонија на европскиот пат, меѓуетничките односи се дел од темите кои ги посочува поранешниот лидер на СДСМ, додека покрај него во фокусот на спотот се појавуваат кадри од средби со политичари, пејзажи од земјава, како своевидна илустрација на неговиот говор.

„Пред седум години донесовме слобода. Ја спасивме заробената Македонија од канџите на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Успавме да ги обновиме и нормализираме односите со соседите. Станавме членка на НАТО, со што долгогодишниот македонски сон стана јаве.

По цели 11 години повторно ја вративме Северна Македонија на европскиот пат.

Меѓуетничките односи ги направивме да бидат пример во регионот и пошироко.

Со политиките на пријателство ја добивме автокефалноста на МПЦ. По сите основи, од целиот свет, го добивме признавањето на македонскиот јазик и македонскиот народ“,

вели Заев во видеообраќањето. 

Во фокусот на останатиот дел од триминутниот видеоспот е неговата поддршка за неговиот наследник и актуелен лидер СДСМ и раководството на партијата, но и критики за политичкиот противник ВМРО-ДПМНЕ.

„Горд сум што другарот Димитар Ковачевски и раководството на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија покажаа храброст и лидерство, носеа тешки одлуки за да продолжиме со нашата европска интеграција. После пандемијата, тоа беа две години на глобална економска и енергетска криза, на војни во Украина и Газа, но и на едно чудо вмровски блокади во парламнентот. Од таквите блокади, од јаловата доминација на ВМРО-ДПМНЕ по општините, но и од нивните технички мандати во Владата, веќе го гледаме назадувањето на европските вредности кај нас“,

вели поранешниот лидер на СДСМ. 

На крајот тој завршува со пораката дека немаме нови години за губење од оние кои „божем Македонија ќе ја направеле горда, а истите тие цели 11 години ја правеа грда“.

„Мојот СДСМ, ностителите и кандидатите на листите за пратеници, а секако и претседателот Пендаровски ја заслужуваат сета моја, но и сета ваша поддршка. Тие непоколебливо, силно и грижливо се решени да го држат правецот на татковината кон Европската Унија, бидејќи тоа е единствениот пат за подобра економија, поголема правичност и солидарност, патот кој гарантира подобар економски стандард за сите наши граѓани“,

порачува Заев. 

Своето обраќање Заев го закружува со повик до граѓаните, дека ако веруваат во европскиот пат на својата земја, тогаш единствениот избор е СДСМ и „Коалицијата за европска иднина“.

„Ако се грижите за сопствената македонска земја, ако си го сакате својот народ, ако верувате во европскиот пат на Македонија, ако не сте подготвени да се предадете и откажете од иднината, СДСМ и ‘Коалицијата за европска иднина’ се единствениот избор.

Бројот 1 е секогаш пред сите, како што е еден и единствен нашиот завет за татковината. На 8 мај откажување нема, гласаме сите за европска иднина“,

порачува Заев.

Во неговиот коментар покрај видеото, актуелниот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски упатува, како што вели, голема благодарност кон другарот Зоран Заев, кој пред седум години ја врати слободата во државата и денес е голема поддршка на СДСМ.

„Тој како вистински социјалдемократ носеше храбри одлуки. Македонија ги подобри односите со сите соседи и стана членка на НАТО. Ние продолживме силно и одлучно по европскиот пат и заедно со нашиот претседател Стево Пендаровски ќе направиме сѐ за да го задржиме правецот на татковината кон ЕУ, бидејќи тоа е нашата единствена алтернатива“,

пишува Ковачевски. 

Покрај на неговиот, видеоспотот со обраќањето на Заев е објавено и на фејсбук-профилот на СДСМ.

Back to top button
Close